Македонија
21. March 2017 - 9:38

Македонски изложбено трговски дом во Москва

Македонски изложбено-трговски дом ќе биде отворен задутре во Москва, со цел натамошно зголемување на македонскиот извоз. Десет македонски компании од  прехранбената индустрија први ќе изложат и стационираат свои производи.

Активностите ги организира Македонско-руската стопанска комора  во  соработка со Евроазискиот деловен сојуз, со поддршка на амбасадата на Република Македонија и руската компанија „Македонски дом“.

Како што информираат од Македонско-руската стопанска комора, вино и други жестоки пијалоци, сирење и кашкавал, кондиторски производи, тестенини, конзервиран и сушен зеленчук и овошје, чаеви и други производи „made in Macedonia“  ќе бидат изложени во огромниот деловен центар, сопственост на  најголемиот руски агро-кластер „Фуд сити“ и на тој начин ќе им бидат на дофат на руските трговци и граѓани. На тој начин, посочуваат од Комората, првпат се реализира долгогодишната идеја македонските стоки да бидат лоцирани во Москва и веднаш да бидат достапни за пласман на тој пазар.

На отворањето е најавено присуство на бизнисмени и менаџери на македонските компании „Тиквеш“ од Кавадарци, „Здравје Радово“, „Далвина“ од Струмица, „Попова кула“ од Демир Капија, „Вори“ од Гевгелија, „Агромакс“ од Берово и  „Гранд Фуд Корпоратион“,  „Кадино“, „Горска“, „Свислион“ од Скопје, како и деловни луѓе и претставници на бизнис асоцијации од Москва и Евроазискиот деловен сојуз.

Дејан Бешлиев, извршен директор на Макердонска-руската стопанска комора, истакнува дека за можностите што се отвораат за македонските компании најдобро зборуваат податоците дека во московскиот „Фуд сити“ годишно се прави обрт од 1,8 милиони тони прехранбени производи или 5.000 тони дневно.  Трговскиот комплекс се простира на 345 илјади квадратини метри, има канцеларии во над 30.000 квадратни метри и поседува современи складишен простор на површина од преку 300 илјади квадратни метри. За секоја категорија  прехранбени производи во него егзистираат од 30 до 300 трговски друштва.

- Во овој деловен комплекс се стационирани деловни центри и претставништва  на 36 земји од светот и 80 од  руските региони. За сите нив сега ќе станат видливи и македонските производи. Значајно е што македонските компании ќе имаат можност да пронајдат и купувачи од земјите од Евроазиската унија, односно од Белорусија, Ерменија, Киргистан и Казакстан, нагласува Бешлиев.

„Македонскиот изложбено-трговски дом“ во Москва е отворен и за други компании од Република Македонија заинтересирани за пласман на своите производи на големиот руски пазар.

Македонската бизнис-делегација при престојот во Руската Федерација ќе има прием и во Московската стопанска комора и ќе присуствува на потпишување меморандум  за соработка меѓу  Македонска - руската стопанска комора и деловната асоцијација од Москва, која има 3.500 членки. Таа е формирана во 1991 година и е единствена деловна асоцијација во Москва,  која законски е делегирана да го претставува интересот на бизнисот од главниот град на Русија пред органите на Москва.

Република Македонија и Руската Федерација лани оствариле меѓусебна трговска размена од 191,9 милиони долари. Од тоа, македонскиот извоз изнесувал близу 48,9 милиони долари и забележал раст од 39,5 отсто во однос на претходната 2015 година.

Македонско-руската стопанска комора соопшти дека очекува годинава македонскиот извоз да продолжи со интензивен раст