Македонија
11. јуни 2023 - 16:31

Македонската наука е оставена на милост на странските донатори

На последниот кат на технолошко-металуршкиот факултет во Скопје се наоѓа истражувачката лабораторија каде се изучува секундарното производство на храна. Освен што тука се обучуваат идните технолози, лабораторијата се користи и за научно-истражувачки проекти насочени кон иновација за добивање на нови производи и третман на отпадот.

Но, опремата која се користи е стара цели 23 години. Како што ни појаснија, со неа не можат да добијат брз и точен резултат бидејќи инструментите губат од квалитетот по година – две.

-Треба да имаме поголема поддршка од нашата држава и од Фондовите за да обезбедиме апарати коишто ќе можат на многу полесен начин, поедноставен и она што е најважно, на поточен начин да го добиеме резултат којшто ќе ни каже дали храната е безбедна или не е безбедна, вели професорката Весна Рафајловска од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ.

Македонската наука е оставена на милоста на странските донатори. Државата вложува се помалку пари во опрема за истражувачките лаборатории на факултетите. Последен пат, поголем проект за опремување беше спроведен во 2010 година кога 80 истражувачки лаборатории добиле опрема вредна 23 милиони евра.

Процентот од БДП за истражување и развој континуирано паѓа, од 0,51% во 2014 до 0,37% од БДП во 2020 година. За споредба, развиените држави во ЕУ се стремат да стигнат до 3% од БДП.

На само 30 метри од технолошко-металуршкиот факултет професорот Бојан Јованоски од Машинскиот факултет работи во најсовремена лабораторија. Но, Македонија нема дадено ниту денар. Таа е опремена од Европскиот институт за иновации и технологија, прва лабораторија во земјава финансирана од од овој институт.

-Благодарејќи на оваа опрема веќе имаме дополнителни проекти добиени, со што овие 5-6 модули добиени досега ќе бидат надополнети со нови 19 модули и така оваа опрема ќе биде надополнета и ќе можеме да извршуваме најразлични експерименти во неа, вели професорот Јовановски.

Лабораторијата се користи за експериментирање на различни хардверски и софтверски решенија кои понатаму би се користеле во индустријата, но треба да биде и тренинг центар за работниците. Факултетот веќе соработува со неколку компании кои ќе вршат тренинзи за нивните вработени да се доедуцираат.

Но дека на Македонија и е потребна ваква лабораторија, не препознала самата држава.

- Најголемата поддршка за оваа лабораторија и за идеите коишто ги имаме за нејзино проширување доаѓа од надвор, односно од грантови коишто се европски, или конкретно германски грантови и тие ја препознаа потребата за ваков тип на лабораторија, ваков вид на институција. Се надевам дека ќе имаме и други поддржувачи, како интернационални, така и од самата држава, вели Јовановски.

Во Македонија за првпат беше назначен Национален секретар на ЕИТ. Александар Стамболиев најави дека во следните три години тука ќе доаѓаат делегации кои ќе ги претстават своите инструменти пред домашната академска заедница, но и пред компаниите.

-Единствената цел е да се унапреди компетитивноста на европската економија и да се зајакнат сите помали економии коишто ги имаме во Европа, вели Стамболиев.

На овој начин, македонските истражувачи ќе можат да имаат бенефит од европскиот пазар на иновации.

-Ние сме многу среќни и сме големи ентузијатсти дека почнуваме во Скопје. Очекуваме новоизградени потфати, особено научни. Очекуваме дека Македонците ќе имаат бенефит од сите можности кои доаѓаат од Европа, вели Марта Кацзмарек, претставничка на ЕИТ.

Министерот за образование е свесен дека мора да се инвестира во науката, и вели дека потребни се измени во финансирањето на високообразовните институции. Според него, Универзитетите можат и од своите буџети да инвестираат.

-Треба навистина сериозно да се разгледа оваа проблематика заради тоа што и во делот на буџетот и на приходите на Универзитетите ќе треба да се направи целокупна анализа зошто и од сопствените средства може да се реалоцираат средства во делот на истражувањето, вели Шаќири.

Со оглед на тоа што последен пат кога државата сериозно набавила опрема е пред 13 години, стручната фела вели дека Владата мора да размисли за втор круг со кој ќе се осовременат истражувачките лаборатории.