Македонија
17. September 2015 - 8:25

Македонија во жолта алертна фаза

Во текот на денот со топлотен бран од жолта (алертна) фаза ќе биде зафатена територијата на цела Македонија, односно со температури до 35 степени Целзиусови, кои ја дефинираат жолтата (алертна) фаза, соопшти Министерството за здравство согласно најавата од Метео-алармот на Управата за хидро-метеоролошки работи.

Граѓаните од цела држава потребно е да ги почитуваат општите препораки за населението за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, консумирање лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Министерството за здравство дава општи препораки за заштита на населението од високите летни температури.

- Во текот на ваквите екстремно топли денови граѓаните да останат во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Поради високите темепратури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, потребно е задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.

Од Министерството за здравство препорачуваат термичка подготовка на храната и нејзино конзумирање во многу кус рок по подготовката. - Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови, се наведува во соопштението.

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала облачност во планинските региони и со слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се движи од 10 до 17, а дневната од 29 до 35 степени. УВ-индексот до сабота ќе има вредност 6.

Во Скопје времето ќе биде сончево и доста топла со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 15, а дневната ќе се искачи до 33 степени.

Во деновите на викендот полека температурата ќе опаѓа, а веќе од недела попладне со зголемена облачност ќе имаме и врнежи од дожд и појава на нестабилност со ретки грмежи претежно на југот од земјата. Повремени врнежи ќе има и во ноќта кон понеделник и во текот на денот.