Македонија
27. February 2025 - 16:48

Македонија сака да увезува отпад од ЕУ - Пратениците расправаат за последиците од аерозагадувањето

Македонија бара да увезува 18 типови на отпад од ЕУ и за тоа веќе ја информирала Унијата. Но дали ќе добие дозвола ќе зависи од проверките на Европската комисија колку  земјата ќе знае да го управува на здрав начин и има ли потребни капацитети, пренесува Дојче Веле. Изминатиот период и екологистите апелираа за построги контроли.

И додека чекаме на одлука од ЕУ за увозот на отпад, во две собраниски комисии пратеници бараат надзорна расправа за последиците од аерозагадувањето врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат. 

- Би било добро оваа Комисија да има и расправа за економските субјекти кои во минатото биле тема на дискусија дека се големи загадувачи и да се направи едно разгледување до кој степен е загадувањето и какви последици има од него. Зборувам за големите економски загадувачи кои не го загадуваат само воздухот, туку и почвата и водата, вели Илир Демири од Европски фронт. 

Пратениците од Комисијата за здравство одлучија да има надзорна расправа на која ќе поканат и експерти за посочената тема со аерозагадувањето и последиците по здравјето. Во материјалот доставен до претседателот на Собранието навеле дека ваква расправа е неопходна бидејќи годишно околу 4000 граѓани умираат поради изложеноста на загаден воздух а во 2023 година Скопје бил втор најзагаден град во Европа. Претходно, на друга друга собраниска комисија веќе почна Надзорна расправа на која зборуваа од невладиниот сектор.