Македонија
12. January 2025 - 19:41

Македонија под снег - Радост за најмладите, проблеми за возрасните

Пет малолетни деца и еден возрасен биле извлекувани од кочанското село Рајчани каде биле завеани од снегот. Пријавата пристигнала нешто пред 10 часот наутро, а веќе околу 12 часот биле извлечени со теренско возило на Доброволната планинска служба „Осогово“.

Уште изутрината се појавија проблеми на патиштата. Граѓаните преку социјалните мрежи се жалкат дека и автопатиштата и регионалните патишта се под снежна покривка. 

И камерите од патарините покажуваат дека условите за возење се отежнати.

Од Македонијапат уверуваат, проодни се главно сите патишта во државата, единствено на неколку има забрани за тешки товарни возила.

- Тоа се Стража, кракот Маврово – Дебар, имаме Пресека, имаме забрана во делот Паланка кон Деве Баир. Исто така имаме Плетвар забрана и Ѓавато. Ова се местата кадешто имаме забрана за тешки товарни возила, меѓутоа за лесни возила е проодна. Меѓутоа, со напомена дека да поседуваат и зимска опрема возилата кои се движа по тие правци, вели портпаролот на МакедонијаПат, Љуљзим Шаќири. 

Во Скопје сликата е далеку подобра. По булеварите се вози нормално, но на помалите улички може да се забележи дека се главно исчистени од самите возила кои проѓаат по нив.

Службите на ЈСП ги расчистуваат постројките низ градот.

Центарот за граѓански комуникации денеска објави истражување за трошоците за зимско одржување на патиштата. За справување со снегот и мразот, досега склучени се договори од 3,5 милиони евра. Но сумата се очекува да расте бидејќи 13 тендери се уште се во тек. Најмногу пари се дадени за индустриска сол. Македонијапат за оваа намена исплатила 1,3 милиони евра. 
Градот Скопје и 8 скопски општини заедно ќе потрошат повеќе од еден милион евра за улиците низ главниот град. 

Водно и овој пат е првата дестинација за скопјани. Патот до Средно Водно е прооден и се вози нормално. 

Горе голем број скопјани кои чекаат со жичницата да се качат до Крстот. Дел решија денот да го поминат тука. Големиот број деца му се израдуваа на снегот. 

Полно беше и во градскиот парк во Скопје. Службите ќе мора да бидат постојано на терен бидејќи најави за снежни врнежи има и за утре, по што се очекува пад на температурите што ќе доведе до појава на голомразица.