Македонија
24. August 2017 - 15:18

Македонија и Унгарија ќе ја унапредуваат полициската соработка

Унапредување на соработката во делот на миграцијата, антикорупцијата и спречувањето на нелегалните финансиски текови, за ова денеска разговараа министрите за внатрешни работи на Македонија и Унгарија Оливер Спасовски и Сандор Пинтер.

Спасовски на средбата во Будимпешта, како што информира МВР, во таа насока предложил да се потпише Договор за полициска соработка за што бил доставен и предлог текст.

Унгарскиот министер Пинтер со задоволство го прифатил предлогот и изразил надеж дека договорот ќе се потпише до крајот на годинава, при што би остварил и возвратна посета на Република Македонија.

На средбата, како што се наведува, е потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија – Центар за обука и Министерството за внатрешни работи на Унгарија – Полициско училиште за спроведување на законот – Сегедин, за соработка во областа на заедничките обуки.

- Потпишувањето на Меморандумот е во насока на унапредување на билатералната соработка, преку реализација на заеднички програми за размена на стручен кадар и студенти/кадети, размена на искуства и податоци, изработка на заедничка програма за обука и спроведување заеднички обуки и проекти поврзани со превенција, се вели во соопштението на МВР.

Во рамки на еднодневната посета на Унгарија, делегацијата предводена од министерот Спасовски ја посетила и Агенцијата на Европската унија за обуки за спроведување на законот – ЦЕПОЛ во Будимпешта, со која е потпишан работен ангажман.

- Уверен сум дека со оваа формална средба ја отпочнуваме оперативната соработка со што го поплочуваме патот за полициски службеници од мојата земја, од различен ранг и позиции да можат да бидат дел од стандардизирана обука на Европската унија. Особено  ме радува Програмата за размена на ЦЕПОЛ, која ќе им овозможи на службениците за спроведување на законот да стекнат директен увид, знаење и искуство и тоа преку заемно корисно искуство, изјави Спасовски.