Бизнис
29. March 2017 - 20:46

Македонија годинава може да очекува милион туристи ако кризата не ескалира

Оваа година Македонија може да има рекорден раст на бројот на туристи од 20% доколку нема влошување на политичката ситуација или во справувањето со бранот мигранти. Од туристичката комора велат дека постои тренд на промена на дестинациите на кои традиоционално летуваат европските и руските туристи и токму тоа е шансата Македонија да ја има својата најдобра туристичка сезона досега.

 - Се очекува голем дел од околу 20 милиони неопределени патници од Европа и Русија годинава да отидат на хит дестинации како Франција. Шпанија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија и Грција. Се надеваме дека ќе привлечеме два, три до пет проценти од нив и тоа ќе биде значајно за нас како туристичка дестинација, рече Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителска комора при ССК

Арапските држави, Иран, Казахстан, се некои од земјите од кои Македонија може да очекува голем број на туристи во следниот период, оценува комората. Она што ги привлекува странците овде е комплетната туристичка понуда за многу ниски цени.

- Седумдневен престој во Македонија е еднаков на една вечера која би ја имале во Дубровник, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителска комора при ССК.

Дигитализација, општински туристички организации и здружена промоција се некои од препораките на комората. Но, најважната е добра услуга и љубезност од страна на секој чинител во туризмот.

Според комората, ако не се случи ескалација на политичката или мигрантската криза, Македонија годинава може да има над милион туристи.