Македонија
9. February 2023 - 12:23

Македонија го испрати и вториот конвој помош за Турција

Штипските пожарникари се приклучија на вториот конвој кој замина во настраданите подрачја од земјотресот кој ги погоди Турција и Сирија. Конвојот го чинат 30 спасувачи од неколку општини и е под ингеренции на Дирекцијата за заштита и спасување. Пред заминување истакнаа дека се подготвени и обучени да се приклучат на спасувачката мисија.

- Противпожарната единица, со 5 пожарникари, едно возило и 3 сет опреми кои се специјализирани за земјотреси е подготвена за помош на настраданото население, а за наше враќање не се знае и се зависи од ситуацијата каде што ќе одиме- изјави Дарко Коцев, командор на ТППЕ - Штип.

На иницијатива на градоначалникот, штипските советници на вонредна седница донесоа едногласна одлука да се даде финансиска помош во висина од 300 000 денари.

- Сметам дека ова е најмалку што можевме да го направиме во име на солидарноста и хуманоста, која се бара од сите страни во овој момент од сите општини и од сите државни институции- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Одлука за давање на еднократна парична помош од општинските буџети за настраданите во земјотресот, донесоа и сите останати поголеми општини од Источниот регион.