Македонија
14. April 2016 - 12:37

Македонија-единствен чувар на Европа

Вторпат за неполн месец бегалците се обидоа насилно да ја поминат грчко-македонската граница. Исто како и во март, така и деновиве, обидот на околу 3.000 бегалци насилно да влезат од Грција во Македонија беше инициран со агитацијата на повеќе невладини грчки и невладини активисти од други земји кои со поделени летоци ги поттикнаа да почнат да ја уриваат жичената ограда. Во судирот меѓу бегалците и македонската полиција беа повредени 23 полицајци.

Мигрантите треба да се „закотват“ на Балканот

Експертот по безбедност Предраг Ќераниќ дејствувањето на невладините организации го гледа како дел од глобалните планови на „центрите на моќ“.

Тој претпоставува дека овие невладини организации се финансирани од Сорос. А, агитацијата и поттикнувањето на мигрантите да направат пробив на грчко-македонската граница, според него, е само дел од големата игра на големите со цел да се „мелат" државите и нациите и да се создаде новиот светски поредок.

- Ердоган има свои неоотоманска планови, Меркел се обидува да излезе од проблеми со правење на договорот со Турција. Македонија е единствениот чувар на Европа и на нејзините традиционални вредности, како на пример христијанството, вели професорот Ќераниќ.

Тој вели дека од порано предупредувал оти со покренувањето на мигрантските бранови, Турција политиката и економијата на ЕУ ја фрли во рацете на САД.

- Сценариото е напишано за пролет: на заштитната ограда на државната граница ќе се туркаат жени и деца. Илјадници луѓе, претежно млади, ќе ја движат масата кон оградата. Гушењето на децата, што може да се случи во случај на стампедото, ќе биде во центар на медиумското внимание. По што би следел медиумски линч на Грција и Македонија, земјите на кои Меркел им ја наметна улогата чувари на границите на ЕУ. Значајна улога во мигрантската криза предвидена е и за Србија, предупредува професорот.

Според него, улогата на Србија е да ги прима мигрантите од Грција и Македонија кои ќе мора да ги пушти на своја територија, бидејќи не може да ги сопре со оружје.

- Оние кои ќе влезат насила во Србија од Македонија, Србија нема да биде во можност да ги препрати понатаму, бидејќи границите на Хрватска и Унгарија ќе бидат оградени и обезбедени со војска. Нивните граници ќе ги чува НАТО, бидејќи НАТО доби задача да ги чува границите на ЕУ, со исклучок на Грција. Таа е оставена сама на себе. Од друга страна, Србија треба да ги згрижува мигрантите кои по основа на реадмисија ќе бидат вратени од ЕУ, вели експертот по безбедност.

Тој предупредува дека има многу причини да се сомневаме дека во позадината на мигрантските бранови се крие опасна намера мигрантите да се „закотват“ околу периметарот на ЕУ, односно во централниот дел на Балканот (Грција, Македонија, Србија и дел од Босна и Херцеговина) што, како што вели, е премолчена согласност на САД, Меркел и Ердоган.

Анализа МКД 4

- Забележливи се млаките реакции на Меркел за осуда на Турција во врска со контролата на движењето на мигранти. НАТО ги застана бродовите и чамците за превоз на мигранти од Либија во Италија и другите земји членки на ЕУ, но Турција ги пропушта чамците кои пловат кон Грција, што значи дека централниот дел на Балканот е предвиден за голем мигрантски камп, претпоставува професорот Ќераниќ.

„Големата шаховска табла" на Бжежински

Според него, постои и уште еден план, креиран, како што вели, од менторите на Исламската држава, пред се од Ердоган, за создадената ситуацијата да може да се искористи против „малите Руси", односно Србите, во смисла борците на ИД на Косово, кои се инкорпорирани со мигранти, да се снабдуваат со оружје.

- Тие треба да бидат во координација со ОВК, паравојската на Албанците, и да станат значајна вооружена сили во функција на создавање на Голема Албанија. Впрочем, секојдневното фрлање на солзавец во Собранието на Косово, како и големи протести што се чести во Приштина, се вовед во создавање на Голема Албанија. Во проектираните воени случувања на удар би биле Србите во северно Косово, потоа југот на Србија, западниот дел на Македонија, северните и западните делови на Грција, како и грчките острови, кои Турција има намера да ги анектира, предвидува професорот.

Според него, развојот на случувањата, се разбира, нема да биде подреден на турските и албанските желби, туку на него ќе влијае и подготвеноста на загрозените земји и народи да се бранат.

Анализа МКД 3

- Во овој поглед, Македонија покажа далеку поголема организираност и сериозноста од Грција. Австрија, исто така, води осмислена државна политика кон мигрантите и нејзините активности ги координира со сите земји кои се наоѓаат на т.н. „балканска рута“ - Хрватска, Србија и Македонија. Изоставена е Грција поради воочената дисфункционалност.  Се што се случува во однос на мигрантите е само едно поле на „големата шаховска табла" на Бжежински, а за серија на „шаховски полиња" напишано е многу интересно сценарио, вели експертот по безбедност од БиХ.

Германија и Шведска од свои интереси примаат многу бегалци

За разлика од босанскиот експерт Ќераниќ, доц. д-р Марјан Ѓуровски, професорот на Факултетот за безбедност-Скопје и доктор на безбедносни науки во аланизата за МИА „Спас за мигрантите- воздушен коридор од Грција и Турција до Запад“ објавена во март рече дека миграциската криза има корени и во економските односи на глобално ниво, која ги охрабрува луѓето да се преселат во развиените земји. 

- Покрај тоа, причините се повеќе бројните конфликти во различни делови на светот, особено на Блискиот Исток, потенцира професорот Ѓуровски.

На својата рута, бегалците ги одбраа Германија и Шведска како крајни дестинации. Ова, вели експертот по безбедност, не е случајно.

- Изборот на овие две земји и на други земји од поразвиениот дел на Унијата кореспондираше со нивниот економски капацитетет, т.е. со можностите да ги примат и да ги згрижат бегалците. Воедно, како дополнителни фактори на прашањето „Зошто токму Германија и Шведска ги примаат бегалците во толку голем број?“, беа наведени стареењето на населението и потребата од работна сила, но и високиот сензитивитет на политичките власти на овие земји за феноменот и страдањата на бегалците. Ова се и заклучоци од тркалезна маса „Бегалска криза: Безбедносни предизвици за Македонија и регионот“ што ја организираше Фондација Конрад Аденауер и Факултет за безбедност – Скопје, информира професорот Ѓуровски.

Тој предупредува дека, доколку не се преземат реални и инти мерки ни претстои хуманитарна катастрофа со мигрантите што може да остави далекусежни последници по сите граѓани и држави во регионот.

Договор меѓу Турција и ЕУ

Кон крајот на март беше постигнат договор меѓу Европската Унија и Турција со кој треба да се стави крај на приливот на мигранти во Европа.

Лидерите на ЕУ и Турција направија заеднички план, кој, меѓу другото, подразбира размена на бегалците по системот еден за еден. Тоа значи дека сите илегални мигранти од Грција ќе бидат вратени во Турција, а за секоја вратен сириски бегалец од грчките острови во Турција, ЕУ се обврза да прими еден сириски бегалец што во моментот се наоѓа на турска територија. Ако Анкара преземе сириски бегалци од ЕУ, за возврат ќе добие пари, ќе биде воведен безвизен режим на патување за турските државјани и ќе и се обезбеди напредок во преговорите за зачленување во Унијата.

Турција за овој договор издејствува дополнителни три милијарди евра, визна либерализација за своите граѓани и, најважно, отворање на поглавјето за толку посакуваното членство во ЕУ.

Дали со овој договор ќе се реши „мигрантската криза“ останува да се види.

Ирена Радовановиќ/МИА