Македонија да ја искористи втората шанса за евроинтеграциите | Сител Телевизија
Македонија
29. September 2017 - 15:22

Македонија да ја искористи втората шанса за евроинтеграциите

Препораката за преговори на Македонија со Европската унија е условена од политичките реформи и од решавањето на спорот со името. Владата мора да направи некој исчекор во однос на политичките реформи бидејќи тоа и самата декларативно го вети, а доколку не се испорачаат реформите, тогаш не можеме да говориме за второто, сметаат од Институтот за европска политика кои денеска организираа дебата посветена на евроинтеграциите на Македонија и нејзината втора шанса.

Од Институтот велат дека сите чинители во државата треба да работат здружено за да може да се забрза евроинтегративниот процес на Македонија.

- Доколку испорачаме реформи опипливи и видливи во однос на владеењето на правото и департизацијата, тогаш ќе може да и одземеме некои од аргументите на Република Грција во однос на состојбата во Република Македонија. Дополнително, самиот договор со Република Бугарија за добрососедство отстрани една пречка и сега треба да се работи на останатите, изјави Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска вели дека целта на Македонија е да не ја играта со датуми и да не се шпекулира со нив, туку да се претстави во сериозно и одговорно светло. 

- За да не ја упропатиме втората шанса што ја имаме како држава, треба да научиме од лекциите во последните 10 - 11 години кога Македонија не мрдна од место, а државите од регионот успеаја да направат сериозни чекори напред во поглед на рамноправното членство во НАТО и во однос на почетокот на преговори со Европската унија. Сите грешки од тој период мора да ги неутрализираме и поправаме. Да обезбедиме уставните контролни механизми да функционираат, да обезбедиме контрола врз извршната власт, крај на сите злоупотреби во делот на прислушувањето, корупцијата и криминалот и да обезбедиме владеење на правото. Тоа се крупните политички чекори предвидени во Планот 3 - 6 - 9 кои од страна на ЕУ и и НАТО се сметаат како патокзаз како Македонија може да се врати на меѓународната сцена, истакна Шекеринска.

За односите со соседите, Шекеринска рече дека во изминатиот неколкумесечен период направен е исчекор напред и оти Македонија покажала дека знае да работи на подобрување на односите со сите соседи.

Во однос на изјавата на грчкиот министер Никос Коѕијас за ревидирање на учебниците, министерката Шекеринска рече дека треба да гледаме напред кон иднината, а не да се занимаваме со историјата.

- Факт е дека оваа тема која се отвараше на ниво на Балкан се договараше и зборуваше долги години исклучиво низ призмата на реципроцитет и заедничка работа. Меѓутоа, не само Македонија, туку и целиот Балкан има потреба од втора шанса. За да ја добиеме таа втора шанса и да бидеме сметани како сериозни европски држави мора да го промениме начинот на нашето однесување, а првата промена е да почнеме да гледаме напред, а не да се занимаваме со историјата, рече Шекеринска.  

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски во однос на ова прашање вели дека доколку тенденцијата е да се создаде еднострана основа за ревидирање на македонски учебници од надвор тогаш излегуваме од концептот на реципроцитет и во тој случај наметнуваме потреба Македонија да биде одбележана како страна која креира проблеми.