Македонија
30. October 2016 - 16:57

Македонците во Србија ги уживаат сите малцински права, како и србите во Македонија

Во годината кога Македонија одбележува 25 годнин независност и 20 години од воспоставувањето дипломатски односи со Србија, македонската заедница во Војводина одбележува 70 годни од доселувањето во овие простори.

Претседателите Иванов и Николиќ во Панчево со симболично засадување македонски даб го потврдија пријателството меѓу двете земји и народи.

Србија е единствениот непосреден сосед на Република Македонија кој доследно се грижи за македонската заедница и е позитивен пример што треба да го следат и другите наши соседи, изјави Претседателот Иванов на свечената академија во Панчево на која присуствуваа Македонци од цела Србија. Македонскиот јазик е службен во Општина Пландиште и во Јабука, но не треба да се запре тука, порача Иванов.

,,Македонскиот јазик треба да биде изучуван и во другите основни училишта каде што Македонците живеат во значителен број. Неопходно е реализирање емисија на македонски јазик на програмите на државната радио и телевизија. И сите оние права кои ги имаат Србите во Република Македонија, согласно билатералната Спогодба за заштита на Македонците во Србија и Србите во Македонија и согласно меѓународните стандарди’’, изјави Иванов.

Барањето на македонскиот претседател за реалните потреби и легитимните очекувања на Македонците во Србија што се однесуваат на изучувањето на македонскиот јазик, поголемата застапеност во јавниот, политичкиот и општествениот живот, наиде на поддршка кај српскиот претседател Томислав Николиќ.

,,Ви го честитам денешниот празник со порака дека секогаш ќе имате поддршка во остварувањето на своите права и дека Србија е горда на своите граѓани кои пред 70 години дојдоа во Македонија во војводинските краишта. Ова е вашиот дом, вашата куќа, ваша држава. Негувајте ја својата специфичност, негувајте ги врските со земјата на своите предци, чувајте го својот културен идентитет, бидејќи е скапоцен и добредојден како уште една убава и важна алка на силата на Република Србија’’, порача Николиќ.

Со доселувањето, Македонците биле застапени со над 80 проценти од населението во Јабука. Денес нивната застапеност е околу 30 проценти. Македонците во овој крај не се чувствуваат како малцинство, изјави 75 годишниот Цветко Целески кој се доселил на 5 годишна возраст.