Македонија
13. August 2022 - 16:36

Мајмунски сипаници нема, но дали има протокол за лекување

Во Македонија се расчистени сомнежите дека има мајмунски сипаници, но во земјите во регионот веќе е присутна оваа зараза. Во Грција и Словенија има околу 40 потврдени случаи, во Србија 23 лица се заразени, додека во Хрватска 12. Токму Европа во моментов е жариштето на мајмунските сипаници, а најпогодени земји се Шпанија, Обединетото Кралство и Германија. Според податоците на СЗО овие земји изминатиов месец пријавиле над 70% од случаите.

Германскиот доктор, Свен Шелберг кој е сопственик на клиника за сексуално здравје во Берлин, смета дека не треба да се заобиколуваат пандемските ситуации и итно треба да се преземат мерки за справување со оваа зараза, без разлика која група е најризична да се зарази.

“Впечаток е дека навистина не научивме толку многу. Со други зборови, во основа повторно ги правиме истите грешки. Во принцип, ги водиме истите дискусии што ги имавме за време на Корона и мислам дека треба сериозно да размислиме за основните структури. Замислете да беше ова уште една пандемија. Кажи дека ова би бил крвав вирус на дијареа кој штотуку дојде од некаде во Латинска Америка, тогаш повторно ќе ги правиме истите грешки. Мислам дека е итно време да размислиме за структурите и, без разлика која група е засегната и за каква болест се работи, едноставно да имаме јасни структури во однос на справувањето со овие ситуации“.

Кај нас двете лажни трвоги за мајмунски сипаници, ги расчистија сомнежите дека оваа зараза е присутна во земјава. Здравствените власти повикаа на смиреност кај граѓаните но и нагласија дека компликациите од мајмунските сипаници не се толку опасни како кај коронавирусот.

Но сепак, по првиот сомнителен случај во земјава, Комисијата за заштита од заразни болести предложи три мерки, односно да бидат изолирани сомнителните случаи на мајмунски сипаници до нивно тестирање, изолација за потвредените случаи на оваа зараза се дури не се излекуваат и следење на состојбата на сите лица кои биле во контакт со заразено лице во времетраење од 21 ден.

Од СЗО препорачаа и во земјите кои се уште немаат пријавено случаи на мајкмуснки сипаници, органите задолжени за јавно здравје да ги зајакнат капацитетите за надзор, испитување и дијагностика.