Македонија
4. September 2020 - 22:16

Мајки кои останале без работа реагираат зошто нивните деца не можат во градинка

Мајки кои не по нивна вина поради Корона кризата останале без работа реагираат зошто нивните деца во среда нема да ги вратат во градинка за да можат да бараат нова работа. Тврдат дека секој месец уредно ги плаќале сметките во градинките.

-На почетокот на пандемијата со Корона вирусот, поради кризата останав без работа. Претходно моите две деца одеа во градинка. Изминатите 6 месеци уредно ги плаќаме трошоците за местата во градинката. Бидејќи сега сум невработена, моите деца не се во приоритетите во среда повторно да бидат згрижени бидејќи во установата според новите протоколи бил исполнет капацитетот со деца чии родители работат. Како можам да најдам работа кога нема кој да ми ги чува децата. И зошто на ваков начин не дискриминираат, а не по наша вина сме без работа, се обрати до Сител револтирана Скопјанка.

И друга мајка ја дели истата судбина

-Едното дете сега треба да тргне во прво одделение, до март заедно со помалиот син одеа во градинка. Сега сум невработена, интензивно барам работа. Пропуштив неколку разговори и понуди за пробна за работа зошто во Скопје немам никој кој може да ми ги чува децата, бидејќи сопругот е работно ангажиран во текот на целиот ден, се пожали мајката.

Од труд и социјала потенцираа дека приоритет со реотворањето на градинките ќе имаат самохрани и родители кои работните обврски не можат да ги извршуваат од дома. Според анализите од министертсвото во воспитно образовните установи се запишани 29.000 деца, а согласно новите протоколи можат да бидат згрижени 19.000. Досега биле пријавени 14.500. Министерката Шахпаска вели општините како основачи на овие установи треба да обезбедат дополнителни места.

-Немаме податок за некој екстремен недостаток за сместување на деца, тоа се само неколку исклучоци, изјави Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Според Шахпаска, засега во градинките има околу 4.500 слободни места,  но ако се земе во предвид вкупната бројка на запишани и слободни места, околу 5000 деца на еден или двајца невработени родители ќе извисат. За сега од министерството не прецизираа ако во една градинка можат да бидат згрижени уште 5 деца, а има интерес од двојно повеќе по кој критериум ќе се избере кои деца ќе можат во градинка, а кои не?