Мајка Тереза во недела ќе биде прогласена за светица - Македонија со голема почит го одбележува нејзиното дело
Мајка Тереза во недела ќе биде прогласена за светица од страна на Папата Франциск во Ватикан. Нобеловката за мир Папата официјално ја призна по две чуда за излекување на болни лица, но светот ја призна по безброј други хуманитарни дела направени во својата мисија. Делото на Скопјанката Гонџа Бојаџиу со голема почит го одбележува и Македонија . Во нејзина чест се изгради Спомен Куќа во центарот на Скопје на локација каде порано се наоѓала црква каде била крстена.
Куќата содржи музејска поставка каде се изложени фотографии, експонати од најпознатата хуманитарка. На најгорниот кат е направена капела каде верниците можат да присуствуваат на миса. Во центарот на родениот град на Мајка Тереза, се гради скулптурална композиција на хуманитарката и сестрите, која ќе биде следна атракција за туристите. Веќе се наѕираат контурите на фонтаната и споменикот. Финалниот проект треба да изгледа како природна карпа на која ќе бидат поставени скулптури од бел мермер на Мајка Тереза со болно дете и родители, милосрдна сестра со инвалид, милосрдна сестра со болен што седи на карпа и други.На висина од 16 ипол метри ќе бидат поставени голем ангел со крилја висок три метри и 4 помали ангели, предвидена е тераса и декоративен елемент во форма на пехар.
Името на Мајка Тереза го носи автопатот долж коридорот 8 од СКопје до границата со Албанија, а во чест на нејзината хумана мисија е именуван и клинички центар во Скопје што го носи името на МАјка Тереза, како и булеварот покрај клинички, мостот кај МАНУ и повеќе спортски објекти во Аеродром, Теарце, Тетово.
Македонија сними и документарен филм за скопјанката Гонџа светската хуманитарка, а поддршка даде и во издавање на поголем број книги и монографии за неа. Низ Скопје, се поставија повеќе од 40 табли на објекти и згради на кои се испишани нејзини мисли, на македонски и англиски јазик. Плоштадот пред платото на МОБ е крстен по неа, а нејзиниот споменик е дел од спотот за Скопје кој неколку години се емитува на светски познатата телевизиска мрежа Си Ен Ен.
Церемонијата на канонизација ќе биде проследена од голем број верници и високи гости од светот. Овој чин е особено важен за сите луѓе во светот кои во иднина без разлика на вера, националност или раса треба да ги следат стапките на МАјка Тереза и да се потрудат да шират што повеќе љубов, помош и добрина порачува свештеникот од католичката црква . Во Ватикан посебно место ќе има делегацијата од МАкедонија која ќе ја предводи претседателот на државата. Дел од неа ќе бидат и министрите за надворешни работи, култура, делгации од Католичката црква и МПЦ, комисијата за односи меѓу верските заедници, семејството на Мајка Тереза и лидерите на ВМРО ДПМНЕ И СДСМ кои беа поканети од Иванов.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар