Лозово се повлекува од дисциплинските постапки против вработените
Раководството на Општина Лозово ги повлече сите дисциплински постапки против вработените. Само три дена откако јавно пред камерата на Сител посведочија за мобингот и големиот број казни со кои се соочуваат, градоначаникот ги повикал на состанок на кој му посочил на секретарот да ги сопре сите постапки.
Во решенијата кои им биле дадени вчера пишува дека дисциплинските постапки се повлекуваат поради недостаток на докази.
Вакво решение се уште нема добиено само Виолета иако од страна на секретарот и било најавено дека ќе ја повлече спорната и веќе застарена дисциплинска постапка за случај од пред 20 месеци.
Став побараваме од општинскиот секретар како подносител на сите дисциплински постапки против вработените, откако пред 5 дена за Сител тврдеше дека сите казни се изрекуваат според закон. Цилаков вели дека поради медиумскиот притисок и реакциите на социјалните мрежи поднел неотповиклива оставка од функцијата, па затоа се повлечени и дисциплинските постапки. Тврди дека докази за сите неизвршени работи има и дека тој воопшто не врши мобинг врз вработените.
По бројните обвинувања за мобинг, вчера Општина Лозово ја посетија и инспекторите од државниот трудов инспекторат. Извештајот што утвдиле на терен ќе биде готов во текот на следните денови.
За состојбата и мобингот кој го трпат вработените во општина Лозово Сител предупредува речиси 2 години, но ова е прв конкретен чекор кој го превземаат надлежните.
По информациите дека од вкупно 12 вработени во општината, дури 6 од нив во изминатите 2 години се соочиле со речиси 30 дисциплински постапки, премиерот Заев упати дирекна порака до градоначаникот Велковски – да не изигрува локален шериф.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар