Лов на забранети животни – Каква казна предвидува законот за отстрел на мечки?
Битолското Јавно обвинителство ќе треба да утврди дали заменик директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго ја застрелал мечката или пак, неговата верзија дека како заменик директор бил во увид оти мечката ја прегазила возило е точна.
Обвинителството отвори предмет по допрен глас. Меѓутоа, од Инспекторатот за ловство, кое е под надлежност на Министерството за земјоделство, велат дека ги алармирале истражните органи речиси цел месец пред да бидат објавени фотографиите на вооружениот Дранго со мечката. Оттаму велат, тие немаат надлежност да истражуваат, но случајот го пријавиле во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
За политичка разврска на избраниот функционер ќе се чека прво на истражните органи. Премиерот уверува, доколку се докаже вина, ќе биде разрешен.
-Се разбира, доколку се потврдат овие тврдења дека ќе барам одговорност и ќе биде под итно разрешен, доколку се потврдат овие тврдења. И апсолутно, овие девијантни однесувања доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам, рече Мицкоски вчера.
Законот за дивеч и ловство е многу јасен. Во два члена се определени правилата за ловење диви животни.
125 видови животни имаат статус на заштитени во Македонија. За добар дел од нив во самиот закон ги пишува периодите кога смеат да бидат ловени, но дури 93 имаат трајна забрана за ловење. Главно на овој список се птици, но трајна забрана за лов има на пет цицачи. Прва на листата е мечката, но тука се и рисот, видрата, верверицата, полвот и стоболката - два глодари кои се многу слични на верверицата.
Поради трајната забрана, за нивен отстрел предвидени се кривични постапки.
Тоа го определува членот 228 од Кривичниот законик. Според него, за убиство на висок дивеч, каков што е мечката законот предвидува и затворка казна од три месеци до три години.
Заменик директорот Дранго тврди дека тој не ја застрелал мечката, туку таа била жртва на сообраќајна несреќа. Тој со вработени во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола – Ресен, по што тој се сликал со неа. Нејасно е зошто мечката од патот ја извадил со пушка со снајперски нишан во раката.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар