Македонија
9. October 2020 - 16:31

Лоша година за производителите на мед

Годинава производството на мед е намалено за околу 60% и потребна е итна помош од државата. Со овој став денеска излегоа прилепските пчелари на 11 по ред Фестивал на медот. Пчеларите велат дека 2020-та е една од најлошите години за оваа гранка. Главниот виновник го гледаат во климатските промени.

„Годинава количините на мед се многу малии така што незнам колку ќе издржиме до наредната сезона со овие количини, па можи и цената да се покачи“, истакна Влатко Атанасоски, пчелар.

„Сега од едно пчелно семејство извадовме само по 5 до 6 кг. мед, а сме собирале од 18 до 20 кг. Е толкава е разликата“, додаде Крсте Кржески, пчелар.

Пчеларите велат дека без државна помош и ако продолжат ваквите непогодно временски услови постои голема опасност од драстично намалување на пчелните семејства.

„Затоа сакам да ги повикам од Министерството за земјоделство и останатите институции да ги помогнат пчеларите, затоа што ние пчеларите сме како 13-то прасе, воопшто не сме со ниту една мерка досега запазени, со никаква помош помогнати. Значи бараме од министерството да имаме еднократно помош во субвенции“, вели Дејан Бошкоски, пчелар.

„Во соседните земји и некои други држави на пчеларските сојузи им помага самата држава во прихрана, во лекарства“, истакна Љупчо Ѓорѓиоски, претседател на пчеларско здружение „Братство“.

Освен еднократна помош пчеларите исто така побараа и зголемување на субвенциите.