Свет
1. March 2017 - 13:29

Лош тренд за партијата на Меркел

Истражувањето на институтот Форса направено за магазинот „Штерн“ покажува дека се намалува разликата меѓу партијата ЦДУ и нивните владинни коалициони партнери од СПД, јавува дописникот на МИА од Берлин.

На седум месеци пред федералните парламентарни избори социјалдемократите успеале да ја намалат разликата во однос на сестринските христијански партии ЦДУ/ЦСУ на само 2 проценти. Минатата недела испитувањето што опфаќа 2500 луѓе низа цела Германија покажа дека СПД имала 34 отсто односно предност од 3 проценти.

Анкетата на Форса е една од ретките каде што ЦДУ/ЦСУ се уште е во водство. Анкетата на агенцијата ИНСА направена на примерок одд 2400 луѓе за весникот „Билд“ покажува дека во водство е СПД со 1,5 отсто а истражувањето на Емнид институтот покажува дека двете партии се изедначени со по 32 проценти доверба.

Истражувањето спроведено од Форса на 18 јануари оваа година покажа дека ЦДУ/ЦСУ имаат предност од 17 отсто пред социјалдемократите која што се стопи по именувањето на екс претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц за кандидат за премиер од редовите на СПД. Според истражувачите на јавното мислење огромната промена во јавното мислење за толку кратко време каква што немало во модерната германска историја се должи на поддршката што Шулц ја добива од неопределените кои што се согласуваат со намерата на кандидатот за канцелар СПД од централно левичарска партија да стане класично левичарски политички субјект.

Според анектата на Форса ниту еден идеолошки политички блок во земјата не може да формира влада затоа што СПД заедно со „Зелените“ (8%) и „Левицата“ (7 %) имаат вкупно 46 % поддршка а ЦДУ/ЦСУ заедно со „Слободните Демократи“ (7 %) имаат вкупно 40 % рејтинг што е недоволно за формирање влада. Антиимигрантската и антимуслиманската „Алтернатива за Германија“ сега ужива доверба од 9 % од германските граѓани.