Свет
9. October 2017 - 8:59

Локализиран пожарот во трговскиот центар во Москва, тројца повредени

Големиот пожар кој го зафати трговскиот центар за градежни материјали „Синдика“ во Москва синоќа е локализиран, а три лица се повредени во инцидентот.

Официјален претставник на пожарникарската служба истакна дека пожарот е локализиран на површина од 55.000 метри квадратни.

Според претходните информации, пожарот избил во подрум, а потоа се проширил на подземната гаража и делумно на покривот. Биле евакуирани над 3.000 луѓе.

Еден дел од покривот и ѕидовите се урнале, а анонимен извор тврди дека и неколку автомобили експлодирале во подземниот паркинг.

Околу 300 метри квадратни од кровната површина се урнале, а постои опасност и од натамошно уривање.

Во гаснењето на пожарот учествувале 290 пожарникари со 170 возила и три хеликоптери.

Засега не е позната причината за пожарот и во тек е истрага.