Македонија
27. December 2023 - 16:44

Љупчо Коцевски остана единствен кандидат за републички јавен обвинител

Само Љупчо Коцевски од републичкото Јавно обвинителство го пројде филтерот на Советот на Јавни обвинители за нов републички Јавен обвинител, откако во понеделникот заврши мандатот на Љубомир Јовески.

Советот едногласно даде позитивно мислење за него. Членовите сметаат дека тој најдобро ги познава состојбите во Јавното обвинителство.

-Се работи за кандидат којшто има интегритет, којшто поседува углед и етичност во извршувањето на функцијата. Негува добри меѓучовечки односи во текот на своето работење, лично се ангажира на стручно усовршување, а исто така членовите на Советот едногласно сметаат дека поседува и организаторски способности, вели претседателката на Советот, Душица Димитриеска.

Кандидатурата на Фатиме Фетаи беше отфрлена веднаш поради некомплетна документација. Ѝ недостасувала потврда за деловна способност и потврда за познавање на македонски јазик. За Фетаи е несфатливо зошто ѝ се бараат овие документи бидејќи смета дека не би ни можела да биде јавен обвинител ако не е деловно способна. Поради тоа бара Советот уште еднаш треба да ја преиспота својата одлука.

-Ако и за двете работи Советот смета дека мора да се докажува со посебен документ тогаш ниту една од сега поднесените документации не е комплетна, бидејќи никој не доставил уверение за познавање на македонски јазик на пример. Дополнително, деловната способност е еден од општите услови предвидени за секој јавен обвинител, не само за ЈО на РСМ. Би било пожелно ако веќе Советот се држи до став како денешниот да одговори колку од сите досега избрани обвинители во државата имаат доставено уверение за докажување дека се деловно способни, вели Фетаи за Сител.

Негативно мислење доби третата кандидатка, Лидија Раичевиќ.

-Членовите на Советот ги разгледаа биографиите, движењето во кариерата на пријавените кандидати и лично ги познаваат. Така што, имавте прилика да видите дека сите членови имаат различно размислување и искажување во однос на кандидатите, вели претседателката на Советот.

Позитивното мислење за Коцевски Советот ќе го испрати до Владата која пак ќе треба да го предложи до Собранието.

Мандатот на Јовески заврши во понеделникот кога со писмена изјава се прости од функцијата. Негова времена заменичка е Соња Симовска.