Македонија
27. July 2021 - 16:59

Љубовната драма во Општина Карпош заврши со отказ за учесниците во инцидентот

Сопругите се скарале, а нивните мажи расправијата ја завршиле со крвава пресметка. По љубовната драма која вчера претпладне се одвивала во близина на општина Карпош, 37 годишниот маж кој бил прободен со нож во градите, е пренесен на клиниката за торакална хирургија.

Според МВР, инцидентот се случувал во близина на Општина Карпош. Неофицијално, причина за пресметката меѓу брачните парови била љубовната врска меѓу двајцата колеги вработени во општината.

Кавгата ја почнале сопругите, се приклучиле и мажите, а завршила кога еден од нив употребил нож.

„На ул. Драгиша Мишовиќ, по претходна расправија, С.А (34), со остар предмет му нанел повреда на В.К (37), двајцата од Скопје“ појаснуваат од МВР.

За партијата ГРОМ, вчерашниот инцидент бил пример за неодговорност на администрацијата на Општина Карпош.

„Врв на таа неодговорност е вчерашниот љубовен четириаголник кој за среќа немаше трагичен епилог. Зачудува фактот каков ментален склоп треба да биде општинскиот службеник кој на работа доаѓал со ладно оружје како да сме во средниот век“, вели, Александар Трајановски, Претседател на градска организација на ГРОМ - Скопје.

Од Карпош велат дека привремено вработените добиле отказ бидејќи ги нарушиле етичките и професионални стандарди. Работата на општинската администрација имала позитивни оценки од домашни и меѓународни институции.

„Општина Карпош е прогласена за најтранспарентна институција во Македонија, по Извештајот на Центарот за граѓански комуникации. И Државниот завод за ревизија, констатираше дека Карпош испорачува највкалитетни услуги за граѓаните преку својата веб-страна“, велат од општината.

Мажот кој со нож сакал да ја разреши љубовната драма побегнал, но вчера донца попладне сам се пријавил во полиција.