Љајиќ во Скопје по решение за брашното
Решавање на проблемот со увозот на српско брашно во Македонија се очекува од најавената средба меѓу министерот за земјоделство Љупчо Николовски и српскиот министер за трговија Расим Љајиќ кој денеска треба да дојде во Скопје.
Од кабинетот на српскиот министер соопштија дека доколку денеска не биде постигнато решение околу овој спор, Србија ќе воведе контрамерки кон Македонија кои, како што наведуваат, веќе се подготвени.
Министерот Николовски, пак, изјави дека „не знае за најавите за контармерки од Србија“, но оти се во постојан контакт со Љајиќ и оти разговорите за наоѓање решение продолжуваат.
Прифатлива опција за Македонија, посочи Николовски, е контролните маркички за увоз на еден, два и пет килограми брашно да се лепат во Србија, а за пакувањата со 25 и 50 килограми во Македонија согласно новиот Правилник.
- Настанатата состојба со увозот на брашното нема да предизвика недостиг од брашно на пазарот и покачување на цената на брашното, тврди Николовски, повторувајќи дека целта е да се почитува Правилникот кој претходно постоел и оти со него се намалува цената на контролните маркички и се кратат административните процедури.
Преземените активности, според него, се врз основа на аргументите кои покажале дека има разлика од 25.000 тони во увезеното брашно и издадените контролни маркички.
- Едни се официјалните бројки за увоз кои ги дава Царинската управа, а втори се оние кои ги дава Агенцијата за храна и ветеринарство, а сосема трети се официјалните податоци на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издадени контролни маркички. Имаме разлика од 25.000 тони за кои не се издадени маркички, а Царинската управа вели дека се влезени на граница, изјави Николовски.
Како што појасни, увозниците во барањето за повлекување на Правилникот, освен аргументот за лепењето на маркичките, реагираат дека сега мора да го почитуваат делот за складирање на брашното во магацините за увоз.
- Се поставува прашањето зошто тогаш постојат магацините ако таму не се складира брашното и оди директно во промет, и ако половина се продава, а за половина добиваме анализи и кој граѓанин ќе биде сигурен ако купува брашно за кое нема анализи. Преговорите и разговорите ќе продолжат во тој правец, рече Николовски.
Проблемот со увозот на српското брашно настана откако Македонија на 8 февруари ги воведе измените на постојниот Правилник. Со измените се налага брашното да се обележува со маркички по неговото дистрибуирање и целосна контрола во земјава, а не уште пред да стигне во Македонија, од страна на извозниците.
Србија реагираше зашто смета дека Македонија воведува бариери, што од македонска страна се негира и се напоменува дека условите за увоз и досега беа исти, само е сменет нивниот редослед и мора да се почитуваат.
Ново на Сител
-
Сиљановска Давкова се сретна со претседателот на црногорското Собрание, Андрија Мандиќ
-
Зеленски го потпиша буџетот за 2025 со 60 проценти од трошоците за одбрана и безбедност
-
Мицкоски: Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници во Судскиот совет
-
Претседателката на Судскиот совет Дамева реагира на обвинувањата за продолжување на мандатот
-
Индија тестираше балистичка ракета од нуклеарна подморница
-
Сиљановска Давкова – Милативиќ: Да се интензивира економската соработка
-
Почна судењето против Вангелица Илијевска, обвинета за убиство на сопругот и свекорот во Кратово
-
Путин: Нема да дозволиме Киев да стане нуклеарна сила