Лидерска за изборите во понеделник точно на пладне
Лидерите на парламентарните партии во понеделник на лидерска средба треба да го договорат датумот за изборите оваа пролет. Лидерската средба ќе се одржи точно на пладне во Собранието. Покрај лидерите, на средбата е поканет и Џафери. Иако премиерот вчера рече дека ќе испрати покани, од опозицијата утрово велат дека за лидерската дознале од медиумите.
„Бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор“, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот'', се вели во кратката реакција на СДСМ во која се додава дека средбата сепак ќе се одржи по предавањата на Мицкоски.
Ковачевски вчера, рече дека покрај темите поврзани со изборите очекува разговори и за уставните измени, но за тоа од опозицијата денеска ниту еден збор
„Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ“, изјави Митева.
Власта веќе ја одби можноста техничката влада да се укине пред овие избори, иако остана расположена тоа да се случи по нив.
8-ми мај останува најизвесен датум за избори на еден трошок а во игра е и 14 април, како ден во кој би се одржале парламентарните и вториот круг од претседателските избори.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар