Македонија
17. July 2019 - 16:17

Лидерска средба ќе има и без Мицкоски

Лидерска средба во петок ќе има, независно од тоа дали на нејзе ќе дојде лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, вели премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. Тој ја потврди средбата откако Мицкоски најави дека нема да учествува на состанокот бидејќи единствено за што може да се разговара се предвремени парламентарни избори.

Заев уште еднаш јавно се обиде да го предомисли лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се појави во Клубот на пратеницитеиако вели дека предвремени избори за него никако не се опција.

-Јас сум подготвен за се да разговарам вклучувајќи го она што Мицкоски сака да го нотира. Правам уште еднаш обид, ред е да се појавиме таму. Не мора да се договориме за сите прашања но треба да разговараме... Лидерската средба останува, таму има уште двајца лидери, покрај мене се надевам ќе биде присутен и господинот Мицкоски. Сите теми се потенцијал за разговор, јас нашите ставови јавно сум ги кажал, немам намера да исполнувам желба за предвремени избори иако знам дека ќе победам, знам дека власта ќе победи и сум убеден во тоа, но немам намера заради тоа да наштетам на економските перспективи на граѓаните. Се е завршено, која земја кога станувала членка на НАТО и почнувала преговори со ЕУ го одложувала тоа и одела на избори?, изјави Заев.

Заев се уште инсистира на  лидерската средба да се расправа за прашањата што тој ги стави на маса: пописот, нов Изборен законик и законот за обвинителство, иако Мицкоски обзнани дека постојат преговори меѓу власта и опозицијата за трите теми.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека остануваат на ставот Мицкоски да не појде на лидерскиот состанок. Предвремемните избори ги сметаат како решение, за како што велат, катастрофалната состојба во државата што ја создаде владата на Заев.

Инаку, Заев денеска ја почна и втората фаза од најавената метла. Тој бара разрешување на над 30-тина директори и раководители на државни институции и јавни претпријатија. Меѓу разрешените се директорите на ЕЛЕМ и на МЕПСО, на Македонија пат, на здравствениот дом Скопје, на повеќе клиники, на макеоднски Железници...

Постапките за нивна целосна смена треба да завршат до крајот на месецот. Од тогаш ќе почне и постапката за именување на нови луѓе во овие институции.