Македонија
31. March 2020 - 17:23

Лицемерни се мерките на Владата, нема да ја спасат економијата од колапс

Огромно разочарување се објавените мерки, Владата  мора да се шегува дека овој пакет ќе ја спаси економијата , смета лидерот на опозицијата Христијан Мицковски.  Поединечно има добри мерки, но целокупниот пакет, во најголем дел, е неприменлив за фирмите. Наместо да им помогне да ја пребродат кризата, уште толку ќе им ја отежни работата, смета Мицковски. Прашува  зошто во првата мерка за исплата на плати го нема месец март, со оглед на тоа дека најголем дел од фирмите не работеле во овој месец.

Чудно зошто не се споменува месецот март бидејќи вонредната состојба и сите оние компании кои што се погодени од оваа пандемија и кои што практично го затворија бизнисот се жртви на пандемијата и ги чувствуваат последиците уште од месец март, а вработените во тие компании, во тие бизниси треба да добијат плата за месец март која што би се исплатила во април. А, сопствениците на тие бизниси бидејќи остваруваат приход нула во овој момент не знаат како да ги обезбедат обврските кон вработените кои што и онака не одат на работа и не работат поради пандемијата која што ни се случува во државата, изјави Христијан Мицковски.

Услов за користење на субвенцијата од најмногу 14,500 денари  ќе бидат остварените ефективни часови поминати на работа. Вработените не одат на работа и ќе имаат нула ефективни часови. Затоа ,според Мицковски најпогодените компании нема да можат да ги користат мерките.

Како тоа би изгледало со бројки ако претпоставиме дека еден вработен во вашата компанија која што е погодена од пандемијата има нето плата од 21.000 денари или околу 30 000 денари бруто плата, тоа значи дека вие за месеците од март заклучно со септември треба да исплатите 7 плати во вкупна вредност од 210.000 денари. За тоа државата ќе ви даде субвенции од 29.000 денари под услов да не сте ја распределиле добивката и дивидендата, под услов да не сте дале на вработените надоместоци и бонуси, и под услов да не сте корисници на сите оние програми преку Агенцијата за вработување или вие всушност треба да инвестирате три и пол илјади евра, а државата на сметка на тоа ве обврзува да ви даде 500 евра, додава Мицковски.

Лидерот на опозицијата ќе достави Уредби со сила на закон до владата со  предлог мерки за спас на економијата. Меѓу нив покривање до 50% на трошоците за бруто плати за март, април, мај и јуни,  веднаш да се интервенира во 2 приватен пензиски фонд , од каде  10 милијарди  денари ќе се пренасочат во единствениот државен задолжителен пензиски столб.

Народната банка најпрво да ја намали каматната стапка од 1.75 на 1.5 или 1.25 да станат помалку тие атрактивни на сметка на тоа да бидат запишувани државни хартии од вредност преку министерството за финансии. Кои што можат доколку постои доверба кај банкарските и финансиски институции да бидат насочени за поддршка на бизнисот, поддршка на буџетот и конечно за поддршка на граѓаните во процесот за справување со пандемијата на корона вирусот, вели Мицковски.

Побара Владата да  погледне какви пакет мерки носат земјите во регионот, кои значат директна фиансиска помош и за граѓаните и за фирмите.