Балкан
20. December 2018 - 12:39

Летаа јајца во албанскиот Парламент, Рама доби едно во глава

Седницата на Собранието на Албанија денеска кратко е прекината откако пратеникот од опозициската Демократска партија Ендри Хаша, со јајца го гаѓаше премиерот Еди Рама, кој во костум со кравата и бела кошула беше на говорницата.

Во очекување претседателот на парламентот Грамоза Ручи да интервенира, Рама мораше да ја напушти седницата.

Фотографијата на која се гледа како Хаша го гаѓа со јајца Рама ја објави поранешниот премиер Сали Бериша со порака „За присутните - тост и јајца“.

Порталот Лјајми фундит пренесе дека Хаша Рама го гаѓал со јајца додека премиерот уште бил на говорницата, а потоа следувал и судир на пратениците до чуварите на редот во парламентот.

Истовремено на почетокот на пленарното заседание на албанскиот парламент пред зградата се собраа голем број ученици и студенти, кои од повеќе градови во Албанија протестираат веќе 16 ден.

Тие бараат од владата на Рама да ги исполни нивните барања кои главно се однесуваат на подобри услови за студирање.