Македонија
2. November 2023 - 16:45

Ленти за мерење на шеќер нема, а нема ниту нови лекови на позитивната листа

Перо Шуриновски од Скопје со месеци не добил ленти за мерење на шеќер. И денеска замина со празни раце од инсулинската аптека во Бит Пазар и тоа во исто време кога во посета на установата беше и министерот за здравство. Перо вели дека секое доаѓање го добива истиот одговор и засега имал среќа што можел да позајми од неговиот брат.

,,Игли овојпат не ми дадоа, а ленти нема. Ми викаат идниот месец и секој пат така – идниот месец."

- Колку тоа ве револтира како дијабетичар?

,,Како не, не можам да го измерам шеќерот и незнам колку да земам, дали истата доза, дали помалку или повеќе", вели Перо Шуриновски од Скопје.

Како Перо има илјадници граѓани во земјата кои цела година не можат да добијат ленти и глукомери. Сојузот на здруженија на дијабетичари постојано алармираат дека ова е дискриминација и чекаат одговори од сите надлежни институции каде се обратиле. Министерот за здравство, пак, уверува- ленти ќе има наскоро.

- Лентите се дојдени, ме информираа денеска, ги има веќе од минатата недела. Треба само некои административни процедури да бидат испочитувани и во многу брзо време ќе бидат дистрибуирани низ аптеките.

Освен ленти и глукомери, децата со дијабет ги чекаат и сензорите кои никако да стигнат иако и за нив надлежните со уверување дека кај и да е ќе ги поделат на оние што им требаат. Не само што нема ленти, нема ниту нови лекови на позитивната листа иако Меџити најави дека тоа ќе биде во октомври. Сега со ново ветување..

- Уште овој месец во номеври ќе објавивме кои лекови се додадени на позитивната листа, вели Фатмир Меџити, министер за здравство.

Меџити вели бирократските процедури не можат да ги сменат преку ноќ ама даде и трето ветување денеска дека многу работи што биле комплицирани порано сега ќе ги направат многу поедноставни.