Македонија
19. March 2024 - 12:22

Лекарите советуваат да се внимава со исхраната за време на велигденските пости

Во следните 40-тина денови, лицата кои се придржуваат на Велигденските пости, треба да внимаваат на исхраната. Сето она што му е потребно на организмот може да се најде и во растителните производи. Исхраната мора да биде балансирана, а во периодот што следи на пазарот има богата понуда на зеленчук и овошје, но и заменски производи за месото и млечните производи, советуваат лекарите.

- Млеко од соја, оризово млеко, бадемовото, замена на сирењето и на другите млечни продукти го има во тофу сирењето, кое што е направено од соја, тука се јаткастите плодови. На тој начин ќе ја добијат онаа енергетска калориска вредност која што е потребна“, вели д-р Валентина Митрева, матичен лекар

Постите се препорачливи за здравите лица, зашто се и еден вид на детоксикација на организмот од штетни материи. Меѓутоа, кај одредени категории пациенти, апстиненцијата од храна богата со протеини и белковини може да предизвика контра ефект.

- Оние што имаат здравствени проблеми, но се решени да постат, секако, пред сѐ не треба да ја прекинат терапијата која што им е ординирана од специјалистите. Знаеме дека старите и болните лица и трудниците не им се препорачува да постат, затоа што им е потребна една балансирана и правилна исхрана, додаде д-р Митрова.

На исхраната треба да се внимава и пред започнувањето на постот, за да не се предизвика шок на самиот организам, но посебно по завршувањето, кога не ретко се случува да се бара и лекарска помош заради прејадување, панкреатит и воспаление на жолчката.