Македонија
23. March 2021 - 20:17

Лекарите апелираат дека ова е најтешкиот бран досега, расте бројот на болни на кои им треба болнички кревет

Траума и пластична хирургија се полни со ковид пациенти а до последен се зафатени и 243те кревети на Интерните клиники. Сите пациенти се на кислородна поддршка со тешка клиничка слика. Алармантно е и на Инфективна и во ГОБ 8-ми септември каде постојано доаѓаат возила на Брза Помош. Изминатото деноноќие само во главниот град имало 70 приеми на болни. Медицинскиот персонал од ковид центрите и по 13 месеци се уште на нога се борат со вирусот. Но велат ова е најтешкиот бран досега во кој многу помлади завршуваат во болничките соби.

- Ова е појак бран мора да признаеме. Малку помлада возрасна група завршува во болница. Доаѓаат со доста тешка клиничка слика, но колку биле претходно дома не знаеме. Сите се на кислород, вели др. Дејан Докиќ координатор на ковид центрите на Интерните клиники.

Поради битката за слободно болничко место во Скопје во функција се става и капацитетот на Кардиологија со 50 кревети а од денеска само возрасни пациенти хоспитализираат во детската болница во Козле. Имунологија на Клиниката за детски болести е со деца заразени со Ковид и во оваа установа има 27 такви пациенти. Ако продолжи овој тренд ковид центар ќе стане и Институтот за рехабилитација. Колку кадровски и стручно ќе се справат

-Сите имаат кадар вработен ние праќаме пулмолози кои одредуваат терапија. Се обидуваме да постигнеме и ќе мора да редуцираме негде за да дадеме пулмолози барем за визита во прва смена, вели Докиќ.

Бројот на хоспитализирани рапидно расте. Ако вчера во болница беа 1315, денеска бројката е 1392 пациенти кои поради компликации од вирусот се на болнички третман. Освен алармантната состојба во Скопје, слободни кревети нема ниту во штипската болница а полно е и во гевгелиската.