Македонија
4. July 2022 - 16:39

ЛДП, ДОМ и Демократскиот сојуз не даваат поддршка - имаат сериозни резерви за предлогот

Премиерот Ковачевски побарал но не добил поддршка од најголемиот дел од малите политички партии во неговата коалиција. Полноќната средба која што вчера ја имал со Морачанин, Трајанов, Милевски и Мисовски завршила без заеднички став.

Од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов не се задоволни со новиот предлог и бараат измени во преговарачката рамка и исфрлање на историските прашања од неа. Бараат реципроцитет за измени на Уставот и признавање на македонското малцинство во Бугарија.

„За предложената Преговарачка рамка да продолжи дебатата во јавноста, да се соберат сите сугестии и предлози, по што да се отвори расправа во Собранието и да се донесат заклучоци со консензус од сите пратеници односно пратенички групи и независни пратеници застапени во парламентот.  Инсистираме овој процес да се води транспарентно и одговорно без брзи и неиздржани решенија.  Доколку Европската унија нема разбирање за македонските позиции, тогаш да се отфрли овој модифициран Француски предлог“ – велат од партијата на Трајанов.

И во ЛДП не се подготвени да дадат поддршка за предлогот во овој момент. Од партијата за Сител велат дека ќе чекаат целосен превод на францускиот предлог а сакаат и да го видат билатералниот протокол. Не се подготвени да дадат бланко поддршка бидејќи како што велат, меѓу оние луѓе не се задоволни од предлогот се и нивните гласачи.

Повеќе информации за предлогот бараат и од ДОМ. Велат, според она што до сега го знаат, предлогот не е прифатлив.

Морачанин вели дека ако Владата продолжи да го форсира предлогот, нејзината партија ќе ја напушти владината коалиција.

Во НСДП генерално позитивно гледаат на новиот француски предлог. Партискиот лидер Горан Мисовски за Сител вели дека конечната одлука неговата партија ќе ја донесе по седницата на извршниот одбор закажана за вечерва.

ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз држат 4 пратенички места во Собранието, доволна бројка да предизвика политичка криза во која Владата на СДСМ и ДУИ би останала без мнозинство во Собранието.