Македонија
1. December 2017 - 15:14

Лазарова Трајковска: Реформите во правосудниот систем треба да одат не само длабоко, туку и високо во судството

Реформите во правосудниот систем треба да одат не само длабоко, туку и високо во судството. Во најоптимални услови кои подразбираат конзензуална определеност за темелни промени, реформите треба да почнат од високите судови, Врховен и Уставен, од Судскиот совет и Советот на обвинители. Ова го вели во интервјуто за МИА Мирјана Лазарова Трајковска поранешен судија и претседател на секција во Европскиот суд за човековите права во Стразбур. 

Со реформите, како што посочува, не треба да се заборават и треба да се обезбеди независност на управните судови имајќи ја предвид нивната надлежност во врска со надзорот над јавната администрација и важната улога во постапките поврзани со изборите и изборните неправилности.

- Сериозни реформи мора да тргнат од Судскиот совет и Советот на обвинители, бидејќи ако целта на реформите е да се обезбеди независноста на правосудните институции и особено да се исклучи можноста за политичко влијание при донесувањето на одлуките на обвинителите и судиите, треба да се напуштат сите лоши практики на политизација на назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите, истакнува Лазарова Трајковска.

Според неа, не е можна целосна реформа, а да не се влезе во реформирање на Уставниот суд во врска со неговите надлежности во однос на заштитата на човековите прави преку воведување на целосна уставна жалба и со измени во методологијата на работа.

- Тоа налага амандманска измена на Уставот која подразбира консензуална подготвеност и силна политичка волја, додава Лазарова Трајковска.

Посочува дека во многу сегменти на правосудниот систем не е проблематичен законот, туку несоодветната или неправилната примена на законот.

- Лично сметам дека е потребен нов закон за Судскиот совет, а по него и за Советот на обвинители, кој ќе ги реформира овие важни органи во правосудниот систем, вели судијата Лазарова Трајковска.

Судија Лазарова

На прашањето дали СЈО, со досегашната работа ја оправда својата улога во правосудниот систем, вели дека несомнено во изминатите две години не беше едноставно тоа да ја врши работата за која беше формирано, но сепак резултатот од нивната работа е повеќенасочен.

- Најважниот, правниот, тек на постапките пред надлежните судови верувам дека ќе има правна завршница и допрва ќе има простор да се оценува дали тие правно добро ги завршиле постапките бидејќи последниот збор секогаш го има судот, додава таа.

Она што е во овој момент видливо, како што истакнува Лазарова Трајковска, е дека тие ги придвижија работите и во редовното обвинителство, а инспирираа и многу дебати и расправи меѓу правната фела.

На прашање што треба да се направи за никогаш повеќе да нема или не се чувствува политичкото влијае во работата на судиите, Лазарова Трајковска вели дека проблемот е многуслоен и сложен.

Целосното интррвју со поранешниот Уставен судија и судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ќе биде објавено утре.