Македонија
28. March 2025 - 11:18

Лафчиски: Членството во НАТО одраз на посветеноста кон колективната безбедност, демократијата, слободата и стабилноста

Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајот Сашко Лафчиски денеска истакна дека петгодишнината од пристапувањето на земјава во НАТО не ја покажува само нашата посветеност кон колективната безбедност туку дека тоа е и одраз кон нашата непоколеблива посветеност кон демократските вредности, слободата и стабилноста.

Пред пет години, рече Лафчиски, исполнивме една од нашите најзначајни стратешки цели - членството во НАТО, а патот не беше воопшто лесен. Денес, додаде началникот на ГШ на Армијата, нашата одлучност, напорната и посветена работа е лесно препознатлива.

- Нашите војници гордо го носат македонското знаме во составот на истурените сили на Источното крило на НАТО во Романија, Бугарија и Летонија. Припадниците на Армијата распоредени во мисијата КФОР на Косово заедно со останатите земји-членки на НАТО секојдневно се грижат и допринесуваат за регионалната безбедност, стабилност и мир. Како дел од најмоќното воено семејство рамо до рамо со нашите сојузници подготвени сме да ги браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји согласно концептот за одвраќање и одбрана на Алијансата, рече Лафчиски.

Во изминатите пет години, нагласи тој, успеавме значително да ги подобриме и способностите на Армијата.

- Дополнително успеавме да ги поставиме идните приоритети и да ги идентификуваме предизвиците за периодот што претстои, период во којшто со успех треба да го заокружиме трансформацијата, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Период во којшто мораме да ги апострофираме нашите силни страни, да ги адресираме нашите предизвици и да се подготвиме за променливата платформа на глобалните предизвици во 21 век. Наша цел продолжува да биде создавање на современа, мобилна и технолошки напредна Армија, рече Началникот на Генералштабот на Армијата.

Како што потенцираше, нашето членство во НАТО е гаранција за мир и стабилност во земјата, но и основа за напредок и симбол за нашата посветеност. Нека оваа годишнина, додаде Лафчиски, биде потсетник дека заедно сме посилни.       

Изразувајќи длабоко сочуство и почит кон жртвите во Кочани, Лафчиски рече дека оваа загуба е неизмерна болка за семејствата, најблиските и целата нација. На повредните им посака брзо закрепнување и сила да продолжат напред и им порача дека не се сами, и дека нивната нивната борба е и наша борба.

- Во овие тешки моменти видовме и надеж, видовме херои, млади луѓе кои покажаа невидена храброст, спасувајќи животи жртвувајќи го сопствениот живот. Видовме брза реакција и беспрекорна координација помеѓу институциите, видовме дека заедничкото добро е многу поголемо од индивидуалниот интерес. Се покажа на дело која е вредноста на сојузништвото, пријателството и добрососедството. Во најтешките моменти по трагедијата видовме како регионот и целиот континент се мобилизира во несебична поддршка, видовме на дело што знали НАТО во неговата изворна форма изразена преку несебичната поддршка преку земјите членки, рече Лафчиски заблагодарувајќи се.  

На одбележувањето на петгодишнината од членството во НАТО во Касарната Илинден денеска се обратија претседателката Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и командантот на здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Стјуарт Манч.