Свет
21. December 2017 - 18:37

Курдски фракции планираат да учествуваат на средбата во Сочи за Сирија

Сириски курдски фракции планираат да учествуваат во руските мировни разговори за Сирија во градот Сочи на Црното Море. Ова го изјавија нивни претставници.

Конгресот за мир во Сирија, првично предвиден за 18 ноември, беше одложен, а денеска Кремљ соопшти дека не е закажан нов датум.

- Ако поканата биде обновена, ќе одиме во Сочи, како и на секоја друга средба, која ја засега сириската криза, во својство на претставници на народната волја, изјави Сианук Депо, претставник на главната курдска партија во Сирија, Демократскиот сојуз на Курдистан.

- Се уште сме поканети. Ако договорената рамка за конгресот издржи, ќе присуствуваме, изјави Бадран Џија Курд, висок курдски функционер.

Тоа ќе биде првото учество на главните курдски фракции во Сирија во мирни преговори. Иако во моментов контролираат најмалку една четвртина од територијата на земјата, тие досега се оставени надвор од меѓународните преговори согласно желбата на Турција.