Македонија
22. April 2023 - 16:31

Кумановската болница остана без амбулантно возило, единственото кое го имале се преврте во сообраќајка

По синоќешната сообраќајна несреќа кумановската болница остана без единственото функционално возило за транспорт на итни пациенти. Другите две се на сервис, а од понеделник се очекува да заврши постапката за набавка на уште едно од сопствени средства за кое веќе бил потпишан договор. Директорката Снежана Захариева вели дека очекуваат во текот на денот да им биде вратено едното возило од сервисирање. Во меѓувреме побарале помош од комбе и возач од Здравствениот дом.

- Побаравме помош, а во меѓувреме очекуваме да ни биде вратено едното возило кое беше на сервис, изјави д-р Снежана Захариева, директор на ЈЗУ општа болница Куманово

Според МВР четири лица се повредени во сударот на “Фолксфаген туран” со скопски регистарски ознаки и амбулантно возило на кумановската болница пред полноќ на крстосницата кај Нова Македонија. Со Брза помош од Куманово до Клинички се транспортирала 72 годишна пациентка поради кардиолошки проблеми. И таа и тимот од возач и медицинска сестра при превртувањето на комбето се здобиле со повреди, а потешко е повреден и 57 годишниот возач на автомобилот. Сите се надвор од животна опасност. Пациентката е задржана на кардиологија, а 23 годишниот возач и 40 годишната медицинска сестра од Куманово пуштени се на домашно лекување.

- Медицинската сестра е пуштена дома, подоцна ќе ја посетам и неа, таа сега спие, можете да замислете што се случувало синоќа и била под стрес, сега моментално сум кај возачот и тој е пуштен дома, но се жали на болки и ќе го земеме за понатамошна опсервација во болницата, изјави д-р Захариева.

Од Кумановската болница велат дека возачот го управувал амбулантното возило со вклучена ротација и приспособена брзина, но како дошло до сообраќајката и да се преврти комбето треба да утврди истрагата.