Македонија
19. March 2023 - 17:00

Куманово: Акција на пазарната инспекција и на полицијата - фатени менувачници кои работеле „на црно“

На 18.03.2023 во периодот од 10.00 часот до 14.00 часот од страна на полициски службеници од ОКП-ОЕК при СВР Куманово во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат извршена е контрола на правни и физички лица кои вршат дејност од областа на девизното работење, преку купување и продажба на ефективни странски и домашни пари, при што кај четири физички и правни лица се констатирани неправилности, односно работење спротивно на Законот за девизно работење на РСМ.

При контролата на две правни лица во Куманово, чии управители се М.К. и Д.М., од Куманово, утврдено е дека не поседуваат Решение за вршење на дејност од НБРСМ, ниту Лиценца за вршење на продажба и купување на ефективни странски и домашни пари, а кај нив се пронајдени голем износ на домашни и странски пари во различни валути.

Во деловен објект – менувачница без регистрирано правно лице, во сопственост на М.А. од Куманово, е утврдено дека нема регистрирано правно лице во Централен регистар на РСМ, а не поседува ниту Лиценца ни Решение од НБРСМ за вршење на менувачко работење.

Во моментот на контролата и М.А. противправно поседувал домашни и странски валути во поголем износ, а на Градскиот плоштад во Куманово, затекнат е М.С. од Куманово како врши менувачко работење спротивно на чл.54 од Законот за девизно работење, при што и кај него се пронајдени поголем износ на пари во различни валути.

За констатираната состојба спротивно на чл.54 од Законот за девизно работење на РСМ кај овие правни и физички лица беше известен дежурен Јавен обвинител од ОЈО Куманово и по целосно расчистување и документирање на случаите од страна на ОКП-ОЕК при СВР Куманово ќе биде изготвен соодветен поднесок.