Македонија
29. јуни 2016 - 8:50

Култниот роман „Мостот на реката Квај“ наскоро на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, наскоро, првпат на македонски јазик, ќе го објави култниот роман „Мостот на реката Квај“ на францускиот писател Пјер Бул. Според овој роман е снимен истоимен филм кој е награден со седум оскари.

„Мостот на реката Квај“ (1952) е фасцинантна приказна за храброста, истрајноста и судирот на две завојувани империи, навидум сосема различни, но сепак прилично сродни. Романот е фикција, но е напишан врз основа на вистински настани.

Во 1942 година, среде походот низ Азија, на Јапонците им е потребна железница од Бурма кон север. Британските воени заробеници од еден затворенички логор се принудени напорно да работат за таа цел. Мостот кој го градат ќе стане симбол за посветеност кон службата и должноста за еден заробеник, полковникот Николсон, кој е горд перфекционист. Соочен со командантот, полковникот Саито, Николсон од изобличена смисла за должност сепак ќе му помогне на непријателот. Додека сојузниците брзаат да го разнесат мостот, Николсон мора да реши што ќе жртвува: патриотизмот или гордоста. Напнатиот дуализам, присутен низ целото дејство и прикажан преку размислувањата на повеќе ликови, му наметнува на читателот повеќе комплексни морални дилеми.

Филмската адаптација на ова дело (1957) е режирана од Дејвид Лин, има освоено седум оскари, меѓу кои и за најдобар филм, адаптирано сценарио и режија, и се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња. Филмот е ставен под заштита како културолошки, историски и естетски значаен.

Пјер Бул (1912-1994) бил француски писател. Најпознат е по неговите романи „Мостот на реката Квај“ и „Планета на мајмуните“. За време на Втората светска војна, Бул бил инженер кој служел меѓу Слободните Французи во Сингапур, каде што бил заробен и подложен на две години принудна работа. Искуствата при градењето на озлогласената „Железница на смртта“ ги пренесол во романот „Мостот на реката Квај“, кој бргу станал исклучително добро прифатен од читателите, и кој уште истата година ја добил наградата Сент-Бев. Преведен е на многу јазици.