Македонија
25. January 2019 - 23:29

Крушево го одбележа 38. роденден на Тоше

Со торта која се делеше на неговиот гроб и музичка програма во Спомен домoт денеска во Крушево се одбeлежа 38-миот роденден на Тоше Проески. Стотици фанови од цела Македонија, но и од повеќе балкански држави беа присутни во Крушево. Елеонора Василева од Бугарија веќе трета година на овој ден носи торта во Крушево.

„За мене овој ден е повеќе празник отколку што е поврзан со тага. Денес се роди Тоше кој ни донесе толку многу љубов и толку многу убави нешта ни остави, затоа овој ден за нас е радост“, рече Елеонора Василева, фан на Тоше од Бугарија.

Фановите и роднините на Тоше велат дека Тоше ни остави аманет да го продолжиме неговиот пат.

„Да бидеме хумани, да се сакаме, да донираме и да помогнеме на тој што има потреба“, рече Анастас Проески, чичко на Тоше Проески.

Во Спомен домот се одржа пригодна музичка програмa, а свој настап имаше и Елена Ристеска, која што порача дека сите ние како општетсво треба да направиме што е можно повеќе на Тоше и неговите дела да живеат со нас.

„Можеби да се назначи некоја институција со негово име. Јас искрено бии сакала „Универзална сала“ да се вика по него. Или во иднина да има фестивали кои ќе го носат неговот име, емисии и слично. Само така би се пренела неговата мисија, а и би се одржал споменот кај идните генерации“, изјави Елена Ристеска, пејачка.

Од Фондацијата „Тоше Проески“ се надевале дека во иднина ќе бидат издадени нови досега необјавени материјали од Тоше.

„Во семејното студио на Тоше во Скопје се уште постојат материјали. Ние се надеваме дека како што оди технологијата напред дека и тие ќе станата достапни за пошироката јавност“, кажа Андреј Иваноски, извршен директор на фондација „Тоше Проески“.

Од Општина Крушево пак најавија дека ова лето треба да започне изградбата на неговиот гроб.

„Ние лани се соочивме со бирократски процедури, но успеавме да ги расчистиме и на Совет е помината Комисијата која треба идејното решение да го спроведи како проект“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Спомен куќата каде денеска се одржа програмата за овој ден останува најпосетениот музеј во Македонија со над 650.000 гости, од кои 30% од странство.