Македонија
19. August 2018 - 16:49

Крушево атрактивно за алтернативен туризам

Крушево уште еднаш докажа дека е топ дестинација за развој на алтернативниот туризам. По 4-ти пат се одржа аутдор фестивалот „Крушево низ корија“ на кој учествуваа над 250 велосипедисти и 50-тина планинари. Велосипедистите возеа 2 тури низ крушевскиите планини, долги 42 и 22 км, а додека планинарската тура беше долга 15 км. Учесниците на овој настан посетија голем број знаменитости околу Крушево.

„Крушево е идеално место, покрај планинскиот велосипедизам, тука има одлични услови за планинарење, параглајдерство, змајарство и се она што спаѓа во ваков вид на туризам“, изјави Здравко Ристески, организатор на настанот. 

Предводник на планинарската тура беа ПК „Мамути“ од Прилеп.

„Речеси 80% од планинарската тура се движиме во сенка нииз крушевската корија која што е навистиина прекрасна. Ги посетуваме манастирите Светии Василиј и Свети Спас“, рече Маријана Ѓорѓиевска, претседател на ПК „Мамути“.

Учесниците на настанот велат дека Крушево е одлично место за развој на ваков вид на туризам, но и тоа дека треба да се поработи повеќе за негова промоција и изградба на потребната инфраструктура.

„Лани бев тука со сопругата, сега сум со синот, значи доаѓаме фамилијарно, три дена сме тука, од петокот, немам зборови колку е убаво“, рече Влатко Андоноски, учесник на настанот.

„Само треба да се направата некои минимални инвестиции во тој правец, како што се да се изврши трасирање на тие велосипедски патеки, подобро трасирање, да се одржуваат истите“, вели Даме Димески, учесник на настанот.

„Можностите во Крушево за овој спорт се буквално неограничени“, додаде Борче Колароски, учесник на настанот.

Алтернативните видови на туризам веќе станаа препознатливи бренд за Крушево, градот со нив е посетуван 365 дена во текот на годината.