Македонија
2. September 2024 - 16:33

Кризата надмината - Приватните превозници се враќаат на редовните линии

Приватните превозници се враќаат на скопските улици откако денеска нашле заеднички јазик со ЈСП. На сметка добиле 40 милиони денари што е околу 80 проценти од долгот. Не гледаат политика во нивната одлука да протестираат, а немањето финасиски средства за да возат бил мотивот да останат во гаражите на првиот училишен ден.

-Ние уште во моментов ќе се вратиме на линиите. Двата пакети кои утринава возеа само по една тура, сега веќе се активираат од гаражите за да почнат да возат и целосно да ги опслужуваме граѓаните, изјави Оливер Петрушевски – приватен превозник.

Од Град Скопје со обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ дека со политички притисоци сакале да предизвикаат потешкотии за граѓаните на Скопје бидејќи според локалната власт градскиот превоз функционирал без проблем.

-Во моментов јавниот градски превоз го опслужуваат сите автобуси на ЈСП како и автобусите на приватните превозници кон кои градот Скопје и ЈСП немаат никакви заостанати обврски, велат од Град Скопје.

Од друга страна, пак, СДСМ го впери прстот кон владејаќката партија дека го остави Скопје без автобуси и направи хаос во градскиот превоз.

-Автобуси речиси и да нема, тие што ги има доцнат, или воопшто не доаѓаат на автобуските станици.

Учениците не можат навреме да дојдат на училиште, граѓаните на работа.

Автобусите што ги има се преполни, често се расипуваат и се небезбедни. Дополнително, денес не возат ниту дел од приватните автобуси.

На Скопје му недостасуваат најмалку 100 автобуси за да може ЈСП нормално да си ја извршува дејноста, изјави Љубица Јанчева од СДСМ.

Во меѓувреме, освен долгот, приватните превозници очекуваат на првата наредна седница на град Скопје да биде разгледано и нивното барање за цената по километар. Велат со повеќе пари ќе можат да го обноват возниот парт а возачите да добиваат поголеми плати.