Криволак полигон за обука на 400 специјалци на украинската армија
Воениот полигон Криволак ќе биде терен на кој своите вештини ќе ги усовршуваат украински војници.
Министерката за одбрана во интервју за украински медиум вели дека се планира да се обучуваат 400 војници на украинската армија. Според Петровска, таква пракса имале и другите земји членки на НАТО. Обуката на Криволак била дел од поддршката за Украина.
„Да, ние веќе предложивме на властите во Украина дека сме подготвени да прифатиме околу 400 украински војници кои би биле тренирани во нашата база во Криволак. Повеќе од сигурна сум дека во следниот период вакви обуки ќе бидат направени и морам да кажам дека ова е само еден од начините преку кои овозможуваме поддршка за Украина. Знам дека и други земји членки на НАТО обезбедуваат ваква обука, за која сме свесни дека е потребна во моментов и секако на овој начин ја покажуваме нашата поддршка за Украина“, изјави Славјанка Петровска, министер за одбрана.
Засега од Министерството за одбрана не откриваат кога ќе пристигнат украинските војници, а нема информации ниту колку ќе трае нивната обука. Петровска вели дека, тренингот ќе го поддржува македонската армија, но не открива дали ќе се вклучат и други армии од земјите членки на НАТО.
„Програма за нивната обука ќе биде направена во координација со потребите на украинската страна. Практично, македонската војска е на располагање за потребите кои ќе ги имаат и на тој начин ќе биде реализирана и обуката“, вели Петровска.
Обука за украински војници на Криволак е прва активност од ваков тип за помош на армијата на Украина. Претходно земјава донираше 30-на тенкови и 12 хеликоптери, за кои македонските власти тврдеа дека повеќе не биле дел од вооружувањето на армијата. Нивната вкупна вредност е процената на 30 милиони евра, но како што велат од Министерството за одбрана, во меѓувреме армијата добила донација од Соединетите амеркикански држвави во вредност од близу 140 милиони долари.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар