Македонија
4. December 2018 - 16:24

Кривичниот совет одлучува за притворот на Мијалков, Јанакиевски го нуди целиот имот како гаранција да се брани од слобода

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, со жалба од неговите адвокати бара укинување на притворот.. Барањето денеска го разгледува Кривичниот совет на скопска единица.

Поради јавната седница, одбраната побара одложување на денешното рочиште за Таргет-Тврдина, предмет во кој е обвинет и Мијалков.

Жалбата за укинување на притворот следи откако викендов судија на претходна постапка првин му го укина претходниот притвор за предметот Таргет-Тврдина и му одреди нов за случајот Империја.

Во барањето за одредување на таквата мерка, специјалното јавно обвинителство навело дека тоа го прави заради влијание врз сведоци.

Дали екс директорот на УБК ќе излезе од притвор по разгледување на неговата жалба пред судот, ќе се знае денеска или најдоцна утре.

Инаку ослободување бара и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.. Тој денеска до судот испратил гаранција за укинување на притворот.

Според неговата одбрана, Јанакиески го понудил целиот свој имот за кој сметаат е доволна гаранција дека тој нема да побегне додека трае судењето за предметот Титаник.

Од судот Скопје 1 велат дека за доставената гаранција првин треба да се изјасни специјалното обвинителство.

Ако тоа одговори позитивно, гаранцијата ќе ја разгледа и кривичниот совет кој ќе одлучува за укинување на притворот за Јанакиески.

Неодамна Апелациониот суд го одби барањето за укинување на притворот за поранешниот министер за транспорт.

Јанакиески заедно со својата одбрана тврдеа дека е прекршен кривичниот законик бидејќи при одредувањето на мерката, судот не го повикал на распит.

Во одлучувањето пак учествувал и судија од судечкиот совет во предметот за кој му е одреден притвор.. Од СЈО наведоа дека со таквата мерка е спречено можното бегство, бидејќи имале докази за тоа.