Македонија
1. April 2018 - 13:21

Кривични пријави за ветеринар и одгледувачи на говеда од Крива Паланка

Ветеринар во подрачната единица на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во Крива Паланка, со иницијали З.И., е осомничен дека со искористување на  службената положба и неизвршување на службената должност од 2015 до 2017 година на тројца сопственици на одгледувалишта за говеда им овозможил противправна корист од 4.253.668 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РМ, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

Против З.И (54) се поднесени кривични пријави за шест кривични дела, а пријави за „злоупотреба на службената положба и овластување“ има и за С.М (53) контролор во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој – Скопје, и Г.Г (39) доктор по ветеринарна медицина во „Ветеринарна станица со лабораторија за лабораториско– клинички испитувања Станојко и други“ доо Крива Паланка. Против сопствениците на одгледувалиштето на добитокот, Г.Ѓ (49), С.Ѓ.(74) и А.Ѓ. (22) е поднесена кривична пријава за „мачење животни“.

Според документираните сознанија од истрагата,  З.И., иако знаел дека трите одгледувалишта за говеда не ги исполнувале условите, согласно законите за заштита и благосостојба на животните, за ветеринарно здравство и за безбедност на храната, сепак непрезел мерки за отстранување на недостатоците. Во одредени случаи кога вршел инспекциски надзор издавал записник и решенија за отстранување на неправилностите, но потоа не ја проверувал фактичата состојба на лице место, односно дали воопшто е постапено по решенијата издадени од него, ја запирал постапката на изјава, а во одредени случаи воопшто не издавал решенија со наложени мерки, се наведува во соопштението. 

С.М., пак, во својство на контролор во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој – Скопје, и покрај тоа што констатирал недостатоци, не донел решение со констатирани недостатоци и на тој начин му овозможил на Г.Ѓ да се стекне со противправна имотна корист од 190.400 денари, а по претходно поднесено барање за директни плаќања од програмата за финансиска подршка во земјоделството. Исто така и Г.Г. во својство на службено лице - доктор по ветеринарна медицина во правното лице „Ветеринарна станица со лабораторија за лабораториско– клинички испитувања Станојко и други“ ДОО Крива Паланка, при земање на мостри за здравствена заштита на животните – (туберкулоза и бруцелоза) од одгледувалиштата на Г.Ѓ., С.Ѓ. и А.Ѓ. за правното лице противправно прибавил корист во износ од околу 107.328 денари и за тој износ го оштетил Буџетот на Република Македонија. Првопријавениот З.И. од своја страна ги потпишал изготвените фактури како да се уредни, иако според доставената документација за 2015, 2016 и 2017 година биле констатирани неправилности во одгледувалиштата.

Пријавените, Г.Ѓ., С.Ѓ. и А.Ѓ., пак, регистрирале одгледувалишта за крупен добиток и земале субвенции, но не ги обезбедиле основните услови за држење и одгледување на добитокот. Тие не обезбедиле основни услови за заштита и благосотојба на животните, како што се: избегнување на штетни влијанија на надворешни фактори од животната средина, необезбедиле секојдневно вода за напојување со соодветен квалитет, како и храна со соодветна хранлива вредност.

Покрај ова, тие како одгледувачи неoбезбедиле ниту соодветни живеалишта и простор за сместување, како и опрема која ги исполнува минималните стандарди за заштита и благосостојба на животните. Токму поради таквите услови Г.Ѓ., С.Ѓ. и А.Ѓ. овозможиле стоката неконтролирано да се движи по магистралниот пат Крива Паланка – Граничен премин „Деве Баир“ и на тој начин го загрозувале патниот сообраќај доведувајќи ги во опасност учесниците во сообраќајот. Исто така, сточниот добиток неконтролирано и без надзор се движеле на подрачјето на неколку села и предизвикувале различни штети на месното население, кое во повеќе наврати пријавувало во полициската станица Крива Паланка, информира МВР.