Македонија
12. July 2015 - 15:00

Кривични пријави за двајца извршители на разбојништва во Центар

СВР Скопје поднесе кривични пријави против А.Р.(36) и Х.А.(17) од Скопје осомничени дека извршиле две кривични дела „разбојништво“ и стекнале противправна имотна корист од околу 18.000 денари.

Во претходна постапка на прворпијавениот му е одредена мерка притвор од 30 дена, а второпријавената е ослободена да се брани од слобода. 

Кривичните дела ги извршиле во период 1-ви и 2 јули 2015 во вечерните часови на подрачјето на општина Центар.  Првото во аптека на булевар ,,Кочо Рацин“ каде првопријавениот заканувајќи се со  нож од вработената ги побарал парите од дневниот промет. Потоа заедно со второпријавената ја отвориле фиоката од регистар касата ги  одзеле парите и ја напуштиле аптеката. 

Второто кривично дело го извршиле на истиот начин, на 2 јули во продаваница на бул. ,,Митрополит Теодосиј Гологанов“. Додека првопријавениот заканувајќи се со нож ги побарал парите од вработената, второпријавената ја заклучила влезната врата.

Пријавениот самиот ја отворил регистар касата и ги одзел парите, а Х.А. од рафтовите одзела голема количина разни марки цигари. Ја напуштиле продавницата и се одалечиле во непознат правец. 

Осомничените се најдени со помош на снимен видеоматеријал од аптеката и продавницата и при извршената анализа од полицијата.

Полициски службеници од тимот ,,Алфа“ ги привеле пријавените на 5 јули во полициската станица Центар, каде кај А.Р. бил пронајден нож на преклопување. Во разговорот тие го негирале извршувањето на кривичните дела.

- Извршено е препознавање на предмети при што оштетените го препознаа ножот со кој пријавениот им се заканувал при извршувањето на кривичните дела. Исто така, извршено е препознавање на лица, при што оштетените со сигурност ги препознаа пријавените како лица кои ги извршиле кривичните дела, соопшти МВР.

А.Р. бил познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти за што имал вкупно 11 кривични пријави - 10 од СВР Скопје и една од СВР Охрид.

МВР соопшти и дека денеска во 00,05 часот на граничниот премин Табановце на влез во Република Македонија полициските службеници го лишиле од слобода Н.А.(48) од Кочани, кој треба да издржува казна затвор од 6 месеци за сторено кривично дело „тешка кражба”. Лицето ноќеска е предадено на полициски службеници од СВР-Куманово за понатамошна постапка.