Македонија
27. September 2024 - 16:33

Кривична пријава за поранешниот директор на струмичкиот затвор

Поранешниот директор на струмичкиот затвор Борче Цветков  е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според кривичната пријава  поднесена од страна на СВР Струмица тој се товари дека во својство на поранешен вршител на должноста директор на казнено поправната  установа Затвор Струмица во периодот од 2021 до 2023 година на затворските полицајци им наредувал  и се заканувал надвор од законските прописи да ослободуваат од затвор три лица . Во пријавата стои дека  по наредба на пријавениот во книгата за влез и излез од затворот осудените лица не биле секогаш заведувани, а се вршело и бришење со коректор на други заведени лица.

,, На затворските полицајци им наредувал и им се заканувал, надвор од законските прописи, да ги ослободуваат од затвор осудените лица Л.К., Ѓ.В. и Г.Т.. Имено, тројцата осуденици користеле погодности кои не ги следувале и не биле присутни во Затвор Струмица и по еден месец, а во евидентната книга, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот.
Во книгата за влез и излез од затворот, осудените лица не биле секогаш заведувани и по наредба на пријавениот се вршело бришење со коректор во книгата на други заведени осудени лица, а на нивно место се пишувал Л.К.. Исто така, Л.К. се водел во затворот иако во моментот бил надвор од државата.,, вели Александра Трајанова портпарол на СВР Струмица

Во врска со кривичната пријава Сител побара став и од поранешниот директор Борче Цветков кој во моментов е дел од актуелниот пратенички состав на СДСМ. Тој не информираше дека до него нема стасано никаква информација, а дека има поднесено кривична пријава разбрал од медиумите. Објавеното за него смешно, срамно и неосновано.  вели дека ниту некогаш дал усна наредба,  а уште помалку на некого се заканувал. Имајќи во предвид дека во моментов ја врши функцијата пратеник и претседател на општинска организација на СДСМ во Струмица целиот случај го квалификува како политички монтиран.