Македонија
7. April 2018 - 12:57

Кривична пријава против 12 лица за случајот во Мала Речица

СВР Тетово во соработка со СВР Куманово и Одделот за криминалистичка полиција при МВР, го документираше и расчисти случајот од 5 април во Мала Речица во кој едно лице го загуби животот, а двајца беа повредени и до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 12 лица.

Како што соопшти МВР, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „убиство“ и соизвршителство во вршењето на тоа дело, предвидено и казниво по член 123 од КЗ на РМ, како и  две кривични дела „убиство во обид“  по член 123м, а во врска со член 19 од КЗ на РМ,  до ОЈО Тетово кривично пријавени се лицата: М.Н. (40), М.Х. (34), М.Ф. (23), М.Б. (21), М.И. (21), М.М. (24) сите од село Черкези - кумановско, потоа Р.С. (42), К.Х. (42), Р.Б. (41) тројцата од Куманово, како и Р.Д. (44) од с.Черкези, Љ.Б. (40) од Елбасан (Р.Албанија) и Д.Ф. (22) од село Опае - липковско.

Десетмина од пријавените се предадени на Судија на претходна постапка кој што на сите дванаесетмина пријавени веќе им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена. Покрај десетмината кои се веќе обезбедени, се трага по лицето Д.Ф., додека лицето М.Ф. поради здобиените тешки телесни повреди е задржано на болничко лекување.

Истовремено, се посочува, против лицата Р.Б. и Љ.Б. е поднесена и кривична пријава за сомнение за сторено кривично дело - “недозволено изработување и држење на огнено оружје и распрскувачки материи“, предвидено и казниво  по член 396 од КЗ на Р.М.

Како што јавноста претходно беше информирана, завчера, односно на 5 април, околу 18,30 часот, во село Мала Речица на  ул.„ 167“,  се случила престрелка помеѓу две групи лица кои биле со неколку патнички моторни возила. Притоа, во престрелката со смртоносни повреди се здобил Н.Р. (47) од село Белановце, липковско, додека со тешки телесни повреди се здобил М.Ф. од село Черкези, кумановско, кој поради серозноста на повредите веднаш бил пренесен во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ во Скопје, а Р.С. (42) од Куманово се здобил со телесни повреди.

Веднаш по настанот, полициски службеници од СВР Тетово се упатиле на лице место, а бил известен и Јавен обвинител при ОЈО Тетово, по што е започнат увид и превземање оперативни мерки за пронаоѓање на учесниците во настанот и документирање на истиот. На местото на настанот пронајдени се осум испукани  чаури  од пиштолска муниција, еден неиспукан куршум од пиштолска муниција и три зрна од куршуми, траги од крв и една безбол палка.

Сите пронајдени траги и предмети се подигнати од лице место и испратени на вештачење во ОКТИВ при МВР на РМ. Во рамки на оперативните активности во едно од пронајдените возила непосредно по настанот, кога се приведени двајца од 12 осомничени, пронајдени се и два пиштола и тоа марка „Валтер П99“ со калибар - 9мм, како и пиштол марка - “Брауинг“ исто така калибар 9мм, кои биле употребени во случајот во Мала Речица. По наредба на јавен обвинител, извршени се претреси на 12 локации на СВР Куманово, наведуваат од МВР.