Македонија
6. March 2024 - 16:41

Кривичен суд е ненадлежен да му суди на Мерко, случајот „Ауди“ оди во струшкиот суд

Наместо пред судиите од кривичен, Рамиз Мерко ќе седне пред своите сограѓани судии во Струга. Скопскиот кривичен суд се прогласи како ненадлежен да му суди на струшкиот градоначалник кој е обвинет за злоупотреба при набавката на луксузното општинско „ауди“. Пречекорувањето на службени овластувања ги воделе судовите на подрачјето каде е извршено кривичното дело.

„Основниот кривичен суд утврди дека Специјализираното оддееление за организиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела како што Јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог“, се вели во известувањето од Основен кривичен суд – Скопје. 

Дека обвинението за Мерко ќе патува во Струга откри и обвинителот Ислам Абази кој на брифинг со новинарите рече дека на тамошните судии ќе им испратат готов предмет. Објасни дека го оформиле обвинението откако државниот обвинител им ги предал сите предмети за струшкиот градоначалник со барање да се доистражат и ако не се застарени, за нив да донесат јавнообвинителска одлука.

Набавката на лускузниот автомобил е меѓу десетината предмети за Мерко оформени од обвинителството, а интересот за нив се зголеми откако тој се најде на американската црна листа.. беше опишан како личност вмешан во значителна корупција, а влиајел и врз судиите од струшкиот суд. Сега токму тие ќе треба да одлучуваат дали Мерко ја злоупотребил градоначалничката функција купувајќи службен автомобил од 70 илајди евра.