Свет
27. March 2016 - 9:30

Крај на Обединетите нации?

Гардијан - Лондон

Едно од местата каде можете да се уверите дека глобалниот „поредок‟ настанат по Втората светска војна полека пропаѓа е Советот за безбедност на ОН, ако ве пуштат да влезете таму, а нема. Нема да поминете подобро ни на ретките „јавни‟ седници. Ништо од вистинската дипломатска работа на Советот повеќе не е видливо. 

Советот за безбедност кој е задолжен за одржување на меѓународниот мир има работа повеќе од кога било. Претходните години состаноците на Советот се одржуваа еднаш или два пати неделно и траеја по неколку часа. Денес се одржуваат секој ден, често и ноќе во тек на викендите. Дневниот ред за кој расправаат преоптоварените дипломати е се подолг и се движи од Северна Кореја до Либија. Оваа долга низа на состаноци покажува колку енергија Советот посветува на многубројните судири во денешниот свет, но и го одразува фактот дека тој не ја постигнува својата цел: не треба да има дипломати па да се види дека оваа планета е се понесигурно место за живот.

Тука е и проблемот на семиотиката. Бидејќи самиот себе се ограничи на одлучни, остри одлуки (како што се барањата Израел да се повлече од окупираните палестински територии), Советот донесува резолуции кои се се подолги и нејасни. Сега користи пет-шест (никој не знае колку точно) различни категории изјави за јавноста. Некогаш се служеше само со една. Шефовите на мисиите на ОН ми велат дека ни самите не ги разбираат конфузните задолженија кои Советот ги дава на своите миротворци. Владите кои ги советував велат дека немаат поим што всушност значат резолуциите кои им се упатени.

Зад неуспехот на ОН да прекине ужасната војна во Сирија, стојат многу причини и не е доволно да се фрли вината само на Русија, на што посебно се склони западните дипломати. Вознемирувачка вистина е дека главната светска институција за спречување и прекин на војните, не функционира.

Основниот проблем е во тоа што основачката премиса на Советот, светот да го уредуваат државите, повеќе не важи. Судирите во кои се вмешани Ал Шабаб, Боко харам или Исламската држава произлегуваат од одредени локални околности, но често имаат регионално и глобално влијание и последици.

Замислен како институција која треба да ги спречи меѓудржавните судири и да арбитрира во нив, Советот не успева да се прилагоди на новиот свет.

Како член на британската делегација се приклучив на 12 септември 2001 година, на шокираните дипломати во просториите на Советот, за да ги осудиме нападите кои се случија претходниот ден во Њујорк и Вашингтон. Но природата на политичкото насилство и глобалната несигурност веќе беше засекогаш променета одамна пред тој ужасен ден. Меѓутоа, Советот упорно се држеше до арогантната претпоставка владите да одлучуваат а останатите да слушаат. Неуспехот на владите и нивните мултилатерални институции веќе прима епски размери. Епизодните и географски ограничени инциденти полека прераснаа во постојани војни, небезбедност и екстремистичко насилство на речиси сите континенти.

Но, расправата за реформи во ОН останува заглавена во многу пати преџваканите прашања за новите постојани членки на Советот за безбедност или ограничувањата со употребата на вето. Тие прашања се важни, но нема да бидат решени во блиска иднина и нивното решение нема да ги разреши подлабоките проблеми на оваа институција. Обединетите нации го губат своето значење и им се заканува пропаст слична на таа која ја задеси Лигата на народите.

Оваа година ќе биде именуван наследникот Бан Ки-Мун. Потребен ни е одлучен и независен генерален секретар, кој ќе дава непристрасни и прецизни препораки на Советот, нема да поддржува некои членки и нивните закани со вето, ниту ќе ги поддржува нивните предрасуди, при што неговиот најважен прерогатив ќе биде заштита на цивилното население. Озлогласен спротивен пример е Руанда: шефот на мировната мисија на ОН не го предупреди Советот за безбедност на претстојниот геноцид во таа земја, бидејќи оцени дека неговите членки не сакаат да слушаат за тоа.

Навистина независен генерален секретар одамна ќе бараше прекин на огнот во Сирија и јасно ќе предупредеше на последиците, меѓу другото и принудни мерки, за тие кои нема да го почитуваа тоа. Ќе бараше и свикување на меѓународна конференција која би утврдила и применила план за дводржавно решение за израелско-палестинското прашање, што е барање кое постојано го поставуваат и Советот и сите држави членки на ОН.

Генералниот секретар мора да биде слободен да избере силен, искусен тим, членовите да ги именува по заслуга, а не како до сега, најважните работи да ги распоредува меѓу постојаните членки, бидејќи таквата пракса ја институционализира нивната штетна доминација.

Некои лидери признаа дека постојаните членки реагираат на некои извештаи на ОН пред тие да се достават до Советот за безбедност (и самиот еднаш го направив тоа). Постојат табу прашања, како што се тие поврзани за Чеченија или тензиите во Јужното Кинеско Море; тие не се појавуваат на дневен ред на Советот бидејќи се „подразбираат‟, иако тоа никогаш не е и јавно признато, дека некои моќни земји забрануваат расправа за нив. Последните години такво беше прашањето за Кашмир. Иако поради тој судир светот беше поблизок до нуклеарна војна од било кога до сега, спомнувањето на таа жешка тема е премолчено забрането.

Истрагите поврзани за фактот дека ОН не успеа да ги спречи масакрите во Руанда, Сребреница и Шри Ланка, обелоденија низа слабости и политички и институционални. Но, никој не може да биде сигурен дека во иднина на таквите трагедии ќе се посветува компетентно внимание. Потребата за храбар и одлучен нов генерален секретар буквално е прашање на живот и смрт, всушност на смрт на многумина.

Иако се тврди дека Советот за безбедност сега држи повеќе јавни заседанија од кога било порано, повеќето најважни преговори се водат зад затворени врати. Во Советот поминав четири-пет години и никогаш не видов ниту една добра причина за избегнување на судот на јавноста во многу расправи. Со тоа единствено се прикриваат површноста и празнината на дебатите (иако приватноста во преговорите понекогаш е корисна).

Телевизиските преноси на собраниските заседанија ја разви демократијата. За дипломатите треба да се суди врз основа на тоа што го зборуваат: тоа е слаба форма на одговорност, но е напредок во однос на фактот дека денес воопшто нема преноси. Транспарентноста на дипломатските активности во ОН би резултирала и со полегитимни одлуки. Јавноста повеќе би се ангажирала кога Советот, на пример, јавно би расправал за доставување на помош на опседнатите градови во Сирија. Луѓето би почнале да се грижат за тоа што се случува во ОН.

И конечно, Советот веќе утре може да спроведе една реформа. Може да слушне што луѓето и заинтересираните страни погодени од неговите одлуки имаат да кажат. Кога Советот расправа за Сирија, Либија или Сомалија, можеме да бидеме сигурни дека Сиријците, Либијците или Сомалијците не се присутни. Со ништо не може да се оправда тоа што Советот за безбедност, иако реалноста е таква да речиси секој дневен ред се однесува на судирите меѓу „недржавните‟ групи, само на државите им се дозволува да се обратат, па дури ни тоа не е честа пракса ако државите не се членки на Советот.

Советот во ретки прилики дозволува пристап на недржавни заинтересирани страни, но само на тие кои ги поддржува. Треба да се воведе како редовна пракса, легитимните и репрезентативните заинтересирани страни да ги изнесат своите ставови пред Советот да донесе одлука за нивната иднина. На крај на краиштата, тие најдобро ги познаваат своите земји и имаат најдобар увид во своите судири.

Ако сакаат да воспостават мир, дипломатите мора да се навикнат на тоа дека имаат работа со разни групи кои треба да се убедуваат. За да се прекине некој судир, потребно е присуство на заинтересираните страни. Таква работа бара трпение кое добрите посредници и дипломати веќе го имаат. Тие сфаќаат дека тешко ќе постигнат сојузи и повторување на рунди разговори (и сослушувања) пред да ги доведат до мир, отколку хартиите кои се производ на трговија со интереси и кои никој не ги чита.

За да се постигнат тие подобрувања, не треба да се изменува Повелбата на Обединетите нации: сето тоа веќе е содржано во неа. Премногу се толерираат децении на стара и препотопска традиција во ОН; неколкумина одлучни и храбри дипломати можат да донесат вистински промени. Оптоварен со новите судири, светот надвор од мрачните канцеларии на ОН бара во нив да се пушти малку дневна светлина.