Македонија
15. January 2021 - 16:47

Ковид пациентите останаа без Клексан

Не можат да го најдат во аптеките, па помош бараат на социјалните мрежи. Позитивни на Ковид 19 кои имаат потреба од Клексан против згрутчување на крвта мака мачат да дојдат до оваа антикоагулантна терапија. Некои одат и во соседните земји Косово и Бугарија за да набават вакви ампули, други пак се принудени на приватно да плаќаат и по 4000 денари за сличен лек. Граѓани коментираат дека инекциите ги нема во аптеките низ Македонија, полесно можат да го обезбедат преку групите за Ковид искуства од некој на кој му останале неколку кутии.

Дека навистина има проблем со ова терапија голем број пациенти реагирале и кај матичните лекари. Дел од нив кои ги контактиравме велат дека државата треба подобро да менаџира со неопходните лекови, бидејќи поради кризата со пандемијата набавката на клексанот е проблем и во други земји.

Од министерството за здравство најавија дека деновиве аптеките ќе биле снабдени со оваа терапија.

-Количините на лекот Клексан во месец декември е двојно зголемен. Од 4.500 скатули на 8.000. Болниците се целосно снабдени, а овие денови се очекува да бидат снабдени и аптеките.

Има и друга замена на овој лек којшто не е од таа скапа орална терапија, меѓутоа ова прашање ќе се разгледа и потоа ќе ве информираме.

Ниту еден пациент нема да биде оставен без потребната терапија, велат од министерството за здравство.