Македонија
25. October 2020 - 19:50

Ковид-19 ги троши последните капацитети

Ковид центрите во Скопје ги трошат последните резерви на слободни кревети. Во модуларната болница сместена до Инфективна во моментот има 37 пациенти, што значи повеќе од половина од капациететот е исполнет. Вчера хоспитализирале дури 18 заразени кои поради комликации од вирусот имале потреба од болнички третман. Исполнети се и 50-те кревети во ГОБ 8-ми септември и таму примаат само тешки случаи. Синоќа, според информациите од болницата лекарите во тријажниот центар имале дури три реанимации на болни. Според информации на Сител, не е исклучена можноста оваа установа повторно да биде Ковид Центар како порано и целиот капацитет повторно да биде во функција за заразените со вирусот. Засега во болницата има 130 пациенти кои се негативни на вирусот и лежат во болничките соби од други заболувања.

Пред да биде активирана 8-ми септември, по исполнување на модуларната, возрасни пациенти повторно ќе прима и детската болница во Козле каде за таа намена имаат 40 кревети. 

За повеќе капацитети треба и поголем број на кадар и засега функционира системот на ротација на медицински лица од скопските клиники. Во Хрватска, лекарската комора поради драматичната состојба во земјата со бројот на заразени и починати, побарала ангажман на пензионирани лекари кои ќе сакаат да им помогнат на колегите со корона вирусот. Но нема да бидат во првата борбена линија и на овој повик засега се пријавиле дваесетина. Кај нас, побаравме став од Министерството за здравство, но не добивме одговор дали и колку пензионирани инфектолози, пулмолози, интернисти и други специјалности кои сакаат и се во можност да им помогнат на здравствените работници.