Македонија
19. February 2023 - 14:14

Ковачевски за МИА: Проблемот со Фондот за здравство ќе биде надминат, има пари за плати за здравствените работници

Проблемот со хакерскиот напад на Фондот за здравствено осигурување ќе се реши. На него деноноќно работат домашни и експерти од земјите - членки на НАТО, нагласува премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА дадено по завршувањето на Минхенската безбедносна конференција. 

Личните податоци на граѓаните, како што истакнува, се заштитени и апелира на смиреност, а се прават и напори да им бидат исплатени платите на здравствените работници. Пари во Буџетот за исплата на плати има, категоричен е Ковачевски. 

- Јас го разбирам револтот на здравствените работници. Прво, имаше информации дека немало пари во Буџетот. Пари во Буџетот има и во Фондот за здравство и во централниот буџет, меѓутоа со оглед на начинот на којшто се исплаќаат платите и со оглед на сајбер нападот што се случува, тоа не беше возможно да се направи во изминатите денови. Ние работевме заедно со Министерството за финансии и со вработените во трезорот тоа да може да се направи од централниот трезор што е комплицирана работа, меѓутоа на која што се работи, вели Ковачевски.

Ваквите хакерски напади, како што посочува, се дел од хибридната војна што се води како нов начин на војување и на неа не се имуни ниту останатите држави. Целта е да направи блокада на клучните витални системи во државите кои се западно ориентирани и да се внесе немир кај граѓаните. 

- Апсолутно се поврзани со војната што се води во Украина бидејќи пред тоа не постоеа. Второ, хибридната војна што се води и којашто вклучува сајбер напади, хакерски напади, дезинформации практично е нов начин на војување којшто досега не е виден. Тоа има неколку цели - прво, да направи блокада на клучнте витални ситеми во државите кои се членки на НАТО и на ЕУ, кои се западно определени. Второ, да внесе немир кај граѓаните бидејќи се напаѓаат системи коишто опслужувааат голем број на граѓани и трето, да направат еден систем на дезинформации што на крајот од денот оди во корист само на оние коишто не сакаат да го видат нашиот регион да биде дел од ЕУ или да биде дел од НАТО, оценува Ковачевски.

Во интервјуто, Ковачевски изразува благодарност до експертите кои се справуваат со овие сајбер напади и најавува дека лично ќе се заложи некој од нив да биде одликуван со државна награда.